Министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд, Ларс Леке Расмусен и Вивијан Моцфелд, одржаа средба во Вашингтон со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио, во обид да се најде заеднички пристап за иднината и безбедноста на Гренланд.
По состанокот, Расмусен изјави дека разговорите биле иницирани по серија „забележливи“ јавни изјави за Гренланд и дека нивната цел била изнаоѓање заеднички пат за зајакнување на безбедноста на Арктикот. Тој нагласи дека Данска веќе значително ги зголемила издвојувањата за одбраната, вклучувајќи инвестиции во бродови, дронови и борбени авиони, и дека е подготвена да направи и повеќе.
Расмусен потсети дека САД и онака имаат широк воен пристап до Гренланд врз основа на договори од 1950-тите години, како и дека Гренланд, преку Данска, е дел од НАТО и е опфатен со Членот 5 за колективна одбрана. „Данска е подготвена да соработува со САД“, изјави тој, оценувајќи го состанокот како „искрен, но конструктивен“.
Сепак, тој призна дека ставовите на Копенхаген и Вашингтон за иднината на Гренланд остануваат различни. Најави формирање високоранграна заедничка работна група со САД, која во наредните недели ќе се обиде да најде „заеднички пат напред“, со фокус на американските безбедносни загрижености, но и почитување на „црвените линии на Кралството Данска“. Расмусен повтори дека преземањето на Гренланд од страна на САД „апсолутно не е неопходно“.
Тој истакна и дека во моментов не постои директна закана од Кина или Русија која Данска и Гренланд не можат да ја адресираат, додавајќи дека нема кинеско присуство на Гренланд и отфрлајќи шпекулации за можни идни сценарија. Според него, иако е јасно дека Доналд Трамп има желба да го „преземе“ Гренланд, средбата придонела за делумна промена на американската позиција. „Јасно ставивме до знаење дека тоа не е во интерес на Гренланд“, рече Расмусен.
Министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Моцфелд, порача дека односите со САД треба да се вратат во „нормализирана рамка“, нагласувајќи дека Гренланд и САД се сојузници и пријатели и дека Гренланд повеќепати јасно го искажал својот став.
Од друга страна, американскиот претседател Доналд Трамп, говорејќи од Овалната канцеларија, изјави дека Гренланд ѝ е неопходен на Америка од аспект на националната безбедност. Тој рече дека сè уште не бил детално информиран за средбата со данските и гренландските претставници, но не ја исклучи ниту една опција.
„Гренланд е исклучително важен за националната безбедност, вклучително и за безбедноста на Данска“, рече Трамп, додавајќи дека, според него, Данска не би можела самостојно да го одбрани островот во случај на закана од Русија или Кина. „Не можам да се потпрам на тоа дека Данска може сама да се одбрани“, изјави тој.
Изјавите на Трамп повторно ја отворија дебатата за иднината на Гренланд и улогата на САД во Арктикот, додека дипломатските разговори меѓу Вашингтон, Копенхаген и Нук продолжуваат.
