Министерството за правда на САД ќе ги објави документите за Епстин во наредните 30 дена

Американското Министерство за правда ќе објави документи поврзани со истрагата за починатиот сексуален сторител Џефри Епстин во рок од 30 дена, соопшти државната обвинителка Пам Бонди.
Washington, DC

Одлуката следи по речиси едногласната поддршка во Конгресот да се принуди администрацијата на претседателот Доналд Трамп да ги направи документите јавни.

Материјалот би можел да содржи нови детали за активностите на Епстин, кој бил дел од кругови на познати личности, меѓу кои и самиот Трамп, пред неговата пресуда во 2008 година за подведување малолетнички за проституција.

Администрацијата на Трамп претходно тврдеше дека „фајловите не содржат ништо значајно, ниту список на клиенти“, што предизвика сомнежи дека можеби се прикриваат врски со моќни личности и детали околу неговата смрт.

Епстин почина во затвор во Њујорк во 2019 година, а смртта беше официјално прогласена за самоубиство во период кога се соочуваше со федерални обвиненија за трговија со секс. Сомневања во транспарентноста постојано ја следат и првата и втората администрација на Трамп, како и администрацијата на Џо Бајден.

На прес-конференција, Бонди потврди дека Министерството ќе постапи по законот што Сенатот и Претставничкиот дом го усвоија оваа недела. „Ќе продолжиме да го почитуваме законот и да обезбедиме максимална транспарентност“, изјави таа.

Сепак, можно е дел од материјалите да не бидат целосно објавени. Министерството може да задржи документи кои би можеле да влијаат врз активните истраги што Трамп ги наложи против демократски личности поврзани со Епстин.

Бонди додаде дека ќе бидат заштитени и идентитетите на сите жртви на трговија со луѓе чии имиња се појавуваат во документите.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни