Министерството за правда на САД: Американските напади врз бродови за трговија со дрога се легални

Од септември, САД извршија серија напади во Карипско Море и Тихи Океан врз бродови за кои тврдат дека се користат за транспорт на дрога, при што се убиени 76 луѓе.

Американските напади врз бродови за кои се сомнева дека се користат за шверц на дрога се законски и вклучените војници не се подложни на кривично гонење, соопшти денеска Министерството за правда на САД, отфрлајќи ги обвинувањата за „вонсудски“ егзекуции.

Од септември, САД извршија серија напади во Карипско Море и Тихи Океан врз бродови за кои тврдат дека се користат за транспорт на дрога, при што се убиени 76 луѓе.

Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк пред два дена го повика Вашингтон да ја испита легалноста на нападите, истакнувајќи дека постојат „сериозни индикации“ за „кршење на меѓународното хуманитарно право“ и за „вонсудски“ егзекуции.

Нападите беа наредени во согласност со законите за вооружени конфликти, па затоа тие се законски наредби, изјави портпаролката на Министерството за правда на САД.

Пентагон вчера потврди дека носачот на авиони „Џералд Форд“ вплови во водите на Латинска Америка со цел да помогне во „пресретнувањето на трговијата со дрога и онеспособувањето и демонтирањето на меѓународните криминални организации“.

Претседателот на САД, Доналд Трамп минатиот месец нареди распоредување на „Џералд Форд“ во Карипско Море.

Откако Вашингтон првично објави дека го испраќа „Џералд Форд“, претседателот на Венецуела, Николас Мадуро предупреди дека „милиони мажи и жени ќе се вооружат низ целата земја“ ако САД интервенираат воено. Тој постојано повторува дека САД трупаат воени сили во регионот за да го соборат.

САД во септември распоредија 10 борбени авиони Ф-35 во Порторико, како и осум воени бродови и нуклеарна подморница во јужниот дел на Карипско Море, во близина на брегот на Венецуела, официјално како дел од операцијата против илегалната трговија со дрога.

Американската армија досега изврши најмалку 19 рации врз бродови, за кои се сомнева дека транспортираат дрога. Најмалку 76 лица се убиени во операциите во Карипско Море и пацифичкиот брег на Латинска Америка.

Во минатото, операциите против илегалната трговија со дрога ги спроведуваше Крајбрежната стража на САД, главната агенција за спроведување на законот на САД на море, а не американската армија.

Велика Британија ја суспендираше размената на разузнавачки информации со САД за бродови осомничени за трговија со дрога во Карипско Море, бидејќи не сака да биде соучесник во американските воени напади и верува дека нападите се нелегални.

Велика Британија контролира голем број територии на Карибите, каде што се наоѓаат нејзините разузнавачки служби, со години им помага на САД да лоцираат бродови осомничени за пренесување дрога, за да може американската крајбрежна стража да ги пресретне. Разузнавачките податоци обично се испраќаат до Заедничката меѓуагенциска работна група Југ, стационирана во Флорида и вклучува претставници на неколку партнерски земји, а чија цел е да се запре нелегалната трговија со дрога. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни