Министерството за култура призна дека не исплатиле плата пред Велигден, проблемот бил во Финансии

Министерството за култура и туризам денес призна дека вработените во институциите од областа на културата останаа без плати за Велигден и најавија дека платите ќе ги добијат во првите два работни дена следната недела.

„Министерството за култура и туризам информира дека вработените во институциите од областа на културата ќе ги добијат своите плати со потребното зголемување во првите два работни дена следната недела, согласно со  Закон и Колективниот договор“ велат од Министерството за култура.

Тие додаваат дека причините за доцнењето се поради усогласување на пресметките за плати со Министерството за финансии.

Претходно Синдикатот на културата со соопштение реагираше на фактот што вработните се оставени без плата.

„За државата и институциите или е спорно усогласувањето со минималната плата, според КД за култура, или се спорни 10% според општиот колективен договор дадени пред 2 години на цел јавен сектор без исклучок. Иако и двете права законски им следуваат на вработените во културата беа пуштани спинови дека културните работници не ја заслужуваат платата што ја земаат, дека не работат ништо, се манипулираше со висините на платите во културата и сл. Цел март и почетокот на април наративот насочуван спрема вработените во културата беше дека платата која ја земаме е незаконска, потоа неуставна, дека колективниот договор за култура е истечен, дека е штетен, дека вработените треба сами да се откажат од своите права“ реагираа од СКРМ.

Тие реагираат дека согласно колективниот договор за култура платата требаше да се исплати до 10ти во месецот, а според законите во Република Македонија до 15ти, но дека тие не добиле плата пред 17, односно последниот работен ден пред Велигден.

„Нема никакво официјално образложение зошто, само бледи, нелогични, неповрзани и конфузни изјави на министерот за култура по различни медиуми. Во еден медиум ги обвини институциите за ненавремено изготвување на пресметките, а во друг кажа дека тие како министерство на 11 април одлучиле дека ќе ја исплатат платата ‘како и до сега’, за да не доцнела, па ‘ќе сме се договарале за понатаму’“ реагираат од СКРМ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни