Министерот за култура и туризам обвинет за јавен повик на кршење на закони – Синдикатот на култура бара итно разјаснување

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) остро реагираше на денешната изјава на министерот за култура и туризам, кој, како што велат од Синдикатот, јавно ги повикал директорите на две културни институции да постапат спротивно на законите и важечките одлуки на Управните одбори, со што би извршиле кривично дело.

„Министерот не само што покажува непочитување кон законските процедури, туку директно ги охрабрува директорите да пресметаат плати спротивно на правосилни одлуки на управни тела во институциите“, велат од СКРМ, додавајќи дека не станува збор само за две институции, туку за значителен број вработени во повеќе национални установи кои поднеле жалби што биле прифатени од Управните одбори.

Во дел од институциите, под притисок од Министерството, директорите сепак направиле исплати спротивно на одлуките – единствено за да ги заштитат вработените од останување без плата и без здравствено осигурување.

„Се поставува прашањето: има ли некој во Министерството што ќе го советува министерот да не повикува јавно на кршење на законите? Или и тие стануваат соучесници во процесот на деградација на правната држава?“, прашуваат од Синдикатот.

СКРМ алармира дека денес, на 4 јули, дел од вработените во културата сè уште немаат добиено плата и немаат здравствено осигурување – токму затоа што во нивните институции се почитуваат законските одредби и одлуките на Управните одбори. „Апсурдно е токму министерот, кој треба да биде пример за почитување на правото, да повикува на негово кршење“, реагираат од Синдикатот.

Дополнително, министерот, според СКРМ, очекува дека проблемите ќе исчезнат по исплатата на платите, притоа занемарувајќи ги активните судски постапки и можните правни последици од незаконското постапување.

Синдикатот веќе се обратил писмено до Министерството за култура, барајќи конкретен одговор: според кој закон директорите треба да постапуваат спротивно на одлуките на Управните одбори?

„Очекуваме официјален и транспарентен одговор“, се наведува на крајот од соопштението потпишано од претседателот на СКРМ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни