Министерството за култура во средата ја најави третата седница на Националната комисија за УНЕСКО, која денеска (четврток) ќе се одржи во Охрид. Според најавата, министерот за култура Зоран Љутков, воедно и претседател на Комисијата, ќе даде изјава пред медиумите во 14 часот, во хотелот „Ривиера“.
Но, повик за пошироко учество на граѓанските организации, експертската јавност или локалните иницијативи не беше упатен.
Граѓанската организација „Охрид SOS“ реагира дека ваквиот начин на работа е уште еден показател дека институциите сакаат да испратат „убаво спакувана слика“ како сè е под контрола и препораките на УНЕСКО се исполнуваат, додека на терен состојбата е далеку од тоа.
„Сè додека носителите на јавни функции се собираат по хотели и од таму зборуваат за заштитата на наследството, а не се соочуваат директно со уништувањето на терен, вистински исчекор нема да има,“ велат од „Охрид SOS“.
Организацијата нагласува дека ако институциите беа сериозни во намерата да го заштитат Охрид и регионот со статус светско наследство, седниците ќе се одржуваа на самите локации каде што природното и културното богатство е загрозено – таму каде што се гради, сече и уништува.
Според нив, само со таков пристап може автентично да се согледаат состојбите и да се донесуваат мерки кои навистина ќе придонесат за исполнување на препораките на УНЕСКО и зачувување на исклучителната универзална вредност на регионот.
„Додека на хартија сè изгледа во ред, во реалноста уништувањето продолжува, а времето за спас на Охридското Езеро и културното наследство истекува“, предупредуваат активистите.