Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, категорично ги отфрла измислените лаги и скандалозни тврдења на градоначалничката Данела Арсовска дека знаела за пожарот во Универзална сала, а не пријавила, и најави тужба.
„Веста за пожарот се ширеше толку брзо што за многу краток период беа преплавени социјалните медиуми од каде што дознав и јас и во истиот тој момент од ова работно место, од Министерство за култура се упатив кон Универзалната сала. Упадот во системот на Бирото за јавни набавки е карактеристика за едно друго време во кое градот и државата ја водеа оние коишто ја направија неа градоначалник, нејзините од ВМРО-ДПМНЕ. Во наше време има уредно барање пратено до Бирото за јавни набавки и уредно добиен одговор за промена на инвеститот како што налага Договорот склучен со Град Скопје. Нема упад, има само уште една лага од Арсовска“,рече Костадиновска-Стојчевска, денеска на прес-конференција.
Понатаму таа потенцираше: „Симптоматично е како за Арсовска станал проектот небезбеден кога досега потпишала неколку документи за почеток на негова реализација. Истиот тој проект кој Арсовска го спори и тврди дека е фалсификат беше исплатен преку системот за добивање градежна дозвола до градот за пресметка на комуналии. Градот изготви таква пресметка, а Министерството за култура ја плати за што имаме и потпишан Договор за комуиналии. Таа се потпишала на документи низ овие постапки и со тоа ја потврдува безбедноста и овој чекор моравме да го почнеме повторно заради немање интерес и волја Арсовска да почне со реконструкцијата бидејќи одобрението за реконструкција беше истечено. Јасно е дека со овој манипулативен прес, Арсовска се обидува да го скрие својот неуспех и неспособност за реконструкција на Универзална сала. Не само што две години не презеде ништо и остави да пропаѓа и да `рѓосува салата, Арсовска дополнително го оштетиле буџетот за реконструкција на салата со 20 милиони денари, пари на граѓаните, заради нејзин личен хир и желба да не се изгради. Арсовска поради одлагањето на реконструкција изгуби судски спор и го оштети Буџетот на граѓаните наменет за реконструкција“.
Смета дека обвинувањата кон неа не заслужуваат внимание.
„Инсинуациите и низата небулози изнесени на вчерашниот прес, ќе бидат предмет пред судските инстанци, па самата таа ќе има можност подетално да објасни за изнесените тврдења за мене поврзани со Универзална сала“, додаде Костадиновска-Стојчевска.
Градоначалничката Арсовска, вчера, на прес-конференција рече дека Градот воопшто не бил информиран за почнување на градежните активности во Универзалната сала, пред да се случи пожарот минатата недела.
„Зошто министерката за култура ако дознала за пожарот пред 9 часот, истиот не го пријавила? Зошто ако работниците и инженерката на фирмата се обидувале да го гаснат пожарот и откако не го локализирале, не пријавиле и не побарале помош од Противпожарната бригада на Град Скопје, каде многу подоцна е пријавен пожарот од страна на случаен минувач? На што се должи изјавата на Лазар Арсовски, сопственик на фирмата изведувач дека причината за пожарот е стар кабел или инсталација? Каде поточно е започнат пожарот? Врз основа на кој проект е продолжено да се реконструктуира Универзалната сала“, беа само дел од прашањата на градоначалничката на прес-конференција во просториите на Град Скопје.
За денеска има закажано уште една прес-конференција на Арсовска, а дали таа се однесува на проблемот со Универзалната сала, останува да почекаме.