Безбедноста, интегритетот и етиката на спомениците треба да бидат главна грижа на Британскиот музеј, кој уште еднаш демонстрира провокативна рамнодушност, посочи министерката култура на Грција Лина Мендони во писмената изјава во врска со добротворната вечера организирана во Британскиот музеј, во просторот каде што се наоѓаат и скулптурите од Партенон.
Мендони истакна дека Министерството за култура, „повеќепати и континуирано го има осудено организирањето вечери, приеми и модни ревии во просториите на музеите, каде што се изложени споменици и уметнички дела“.
„Ваквите дејствија се навредливи за културните добра и претставуваат опасност за самите експонати. Токму тоа го стори и управата на Британскиот музеј минатата сабота, користејќи ги уште еднаш скулптурите од Партенон како декоративни елементи за вечерата што ја организираше“, истакна министерката за култура на Грција.

За организираната добротворна вечера во галеријата каде што се наоѓаат скулптурите од Партенон информираше сопругата на грчкиот премиер Марева Габровски-Мицотаки преку фотографија и објава на Инстаграм, коментирајќи дека е „длабоко иронично што музејот својата кампања за прибирање средства ја базира врз културно богатство, додека сè уште траат дискусиите за обединување на скулптурите од Партенон“.