НУ Центар за култура од Крива Паланка доби 800.000 денари финансиска поддршка од Министерството за култура за изработка на проектно-техничка документација за целосна реконструкција и адаптација на објектот кој повеќе децении не е обновен.
Новиот проект го промовираше министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска на прес-конференција во Крива Паланка, која истакна дека зајакнувањето на културниот сектор има позитивно влијание врз сите сегменти на општеството.
-Финансиската поддршка за овој проект, предложен од општината, е обезбедена преку Програмата за користење средства за капитални дотации за единиците на локалната самоуправа во областа на културата. Со него се предвидува изработка на проектна документација за реконструкција на влезот и холот, кино салата, реконструкција на библиотеката, мултифункционален простор за камерни настани, набавка на аудио и визуелна опрема, нов систем за греење и ладење, истакна Костадиновска – Стојчевска.
Таа посочи дека идната година општината може да аплицира за средства за реализација на првата фаза од проектната документација преку истата програма, како и преку Програмата на Министерството за култура за тековно одржување и други расположливи фондови.
Градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски подвлече дека Центарот за култура нема добиено и направено поголеми инфрастуктурни интервенции речиси 40 години, освен санација на кровната конструкција пред повеќе од 10 години и санација на ентериерот на кино салата минатата година.
-Она на што ќе работиме во понатамошниот период е обезбедување средства овој проект да се реализира и да се изврши комплетна реобнова на објектот, каква што заслужува една национална установа. Ние како општина особено значаен акцент ставаме на културата, а во рамките на Кривопаланечко културно лето 2023 за само два месеци имаме реализирано околу 50-тина настани. Оваа година, пак, за културата општината издвои 8 милиони денари, рече Митовски.
Директорот на Центарот за култура Антони Стојановски визуелно ги претстави сите просторни капацитети, укажувајќи на нивните големи ошетувања и потребата од санација и реконструкција.
-Како културно јадро во градот треба да имаме функционални и просторни капацитети и да одговориме на современите трендови во културата. Затоа, инвестициите се неопходни, а со нашите залагања на културен план и покажаните резутати сметаме дека заслужуваме да бидеме поддржани од Министерството за култура, општината и од други институции, посочи Стојановски.
На прес-конференцијата беа најавени фестивалските празнувања по повод општинскиот празник „Св. Јоаким Осоговски“, меѓу кои и истоимениот Меѓународен фолклорен фестивал што ќе трае од вечерва до петок.