Министерката за култура Костадиновска Стојчевска го претстави новиот проект во Крива Паланка

НУ Центар за култура од Крива Паланка доби 800.000 денари финансиска поддршка од Министерството за култура за изработка на проектно-техничка документација за целосна  реконструкција и адаптација на објектот кој повеќе  децении не е обновен.

Новиот проект го промовираше министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска на прес-конференција во Крива Паланка, која истакна дека зајакнувањето на културниот сектор има позитивно влијание врз сите сегменти на општеството. 

-Финансиската поддршка за овој проект, предложен од општината, е обезбедена преку Програмата за користење средства за капитални дотации за единиците на локалната самоуправа во областа на културата. Со него се предвидува изработка на проектна документација за реконструкција на влезот и холот, кино салата, реконструкција на библиотеката, мултифункционален простор за камерни настани, набавка на аудио и визуелна опрема, нов систем за греење и ладење, истакна Костадиновска – Стојчевска.

Таа посочи дека идната година општината може да аплицира за средства за реализација на првата фаза од проектната документација преку истата програма, како и преку Програмата на Министерството за култура за тековно одржување и други расположливи фондови. 

Градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски подвлече дека Центарот за култура нема добиено и направено поголеми инфрастуктурни интервенции речиси 40 години, освен санација на кровната конструкција пред повеќе од 10 години и санација на ентериерот на кино салата минатата година.

-Она на што ќе работиме во понатамошниот период е обезбедување средства овој проект да се реализира и да се изврши комплетна реобнова на објектот, каква што заслужува една национална установа. Ние како општина особено значаен акцент ставаме на културата, а во рамките на Кривопаланечко културно лето 2023 за само два месеци имаме реализирано околу 50-тина настани. Оваа година, пак, за културата општината издвои 8 милиони денари, рече Митовски.

Директорот на Центарот за култура Антони Стојановски визуелно ги претстави сите просторни капацитети, укажувајќи на нивните големи ошетувања и потребата од санација и реконструкција.

-Како културно јадро во градот треба да имаме функционални и просторни капацитети и да одговориме на современите трендови во културата. Затоа, инвестициите се неопходни, а со нашите залагања на културен план и покажаните резутати сметаме дека заслужуваме да бидеме поддржани од Министерството за култура, општината и од други институции, посочи Стојановски.

На прес-конференцијата беа најавени фестивалските празнувања по повод општинскиот празник „Св. Јоаким Осоговски“, меѓу кои и истоимениот Меѓународен фолклорен фестивал што ќе трае од вечерва до петок. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни