Денес во Музејот на град Скопје започнува петтиот по ред фестивал на литература и илустрација за деца, „Литера 2023“.
Првиот фестивал „Литера“ се одржа во Музејот на современа уметност, меѓутоа поучени организаторите заради непристапноста на локацијата, годинава тие фестивалот го организираат во Музеј на град Скопје кој се наоѓа во строгиот центар на градот. Токму затоа и се очекува зголемена фреквенција на деца и посетители од различна возраст и различна сфера.
Литера вечерва со почеток од 19. часот ги отвора вратите за стручната јавност, издавачките куќи, децата од школска и претшколска возраст, родителите, илустраторите и книжевниците.
Во петте фестивалски дена, од 23 до 27 мај, ќе има богата програма за публиката, но и низа настани наменети за сите заинтересирани посетители на различна возраст.
Ѕвезда на фестивалот е познатиот илустратор од Хрватска, Доминик Вуковиќ кој работеше на визуелниот идентитет на „Литера 2023“. Неговата визија за „Свет со љубов“, мотото на годинешното издание на фестивалот, ќе провејува сите фестивалски денови.
Годинава ќе учествуваат повеќе гости од Хрватска и од Македонија, а планирани се многу настани: мастер класови, работилници за професионални илустратори, промоции на книги, детски работилници за литература и илустрација, читање сликовници итн. Во рамки на фестивалот ќе бидат отворени три изложби на автори од Хрватска, како и изложбата „Свет со љубов“ во која ќе бидат изложени дела на млади македонски илустратори, што учествуваа на конкурсот што го организираше фестивалот.
Централен настан на фестивалот ќе биде конференцијата на која ќе учествуваат реномирани професионалци од областа на детската литература и илустрација.
Оваа година дел од Литера ќе бидат и министерката за култура, Бисера Костадинова – Стојчевска и првата дама во државата, Елизабета Ѓеорѓиевска, сопругата на претседателот.
На денот на младоста, на 25 мај во 11:15 часот Костадинова – Стојчевска ќе чита сликовница пред публиката во времетраење од 40 минути. Наредниот ден, на 26 мај пред публиката ќе чита сликовница Елизабета Ѓорѓиевска, сопругата на претседателот.
Петтото издание на фестивалот за нас е мал, но значаен јубилеј, бидејќи е потврда дека чекориме по вистинскиот пат. Годинава ќе биде празник за младите илустратори од Македонија, кои ќе имаат можност да бидат дел од работилници водени од значајни хрватски автори. Ќе се потрудиме да бидеме ветар во грб на младите автори и илустратори“, изјави Софија Семенпеева од тимот на „Литера“.