Минималец од 600 евра: Владата под блокада, газдите во сенка?

Синдикатот денес ја блокира Владата со барање за минимална плата од 600 евра и зголемување на сите плати за 100 евра. Додека притисокот е насочен кон институциите, работодавачите остануваат без јасен став.

Денес Синдикатот најави блокада на Владата со истите барања што беа испратени и на претходните протести пред Собранието и Стопанската комора, минимална плата од 600 евра и линеарно зголемување на сите плати за по 100 евра.

Додека притисокот директно се насочува кон Владата, а опозицијата се обидува да извлече политички поени, работодавачите, особено поголемите компании речиси и да не се слушаат во јавноста. Нема детални образложенија зошто, според нив, економските услови не дозволуваат зголемување на минималната плата.

Наместо широка и аргументирана дебата за продуктивноста, профитите, трошоците и реалните можности на компаниите, целата борба се сведува на политички притисок врз институциите. Прашањето што се наметнува е дали на дел од работодавачите им одговара што незадоволството на работниците е насочено пред сѐ кон Владата, а не кон самите компании.

Во меѓувреме, за илјадници семејства минималната плата и понатаму едвај ги покрива основните трошоци за живот. Истовремено, постојат и компании кои веќе покажаа дека можат да ги зголемат примањата на своите вработени – што дополнително ја отвора дилемата дали проблемот е системски или селективен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни