Ова е последниот во низата европски инциденти со закани од дронови, кој предизвика големи нарушувања во авионскиот сообраќај.
Вкупно 17 полетувања беа привремено приземјени околу 22 часот по локално време, што влијаеше на приближно 3.000 патници. Дополнително, 15 летови беа пренасочени кон аеродромите во Штутгарт, Нирнберг, Франкфурт и Виена. Неколку авиони кружеле околу Минхен пред да бидат упатени кон други дестинации, покажуваат податоците од веб-страницата за следење летови Flightradar.
Аеродромот повторно беше отворен во 5 часот наутро, а властите информираа дека сите летови во меѓувреме се оценети како безбедни. Од „Луфтханза“, националниот авиопревозник на Германија, потврдија дека 19 летови биле откажани или пренасочени, вклучувајќи три долги летови кон Азија кои ќе треба да бидат презакажани. Патниците погодени од прекинот добиле храна, пијалоци и ќебиња, а некои беа фотографирани како спијат на кревети за кампување во терминалот.
Овој инцидент доаѓа само неколку дена откако Минхен го затвори својот познат фестивал Октоберфест поради закана од бомба. Минхен сега се приклучува на списокот европски аеродроми погодени од закани со дронови, по неодамнешни слични случаи во Данска. Во таа земја, како мерка за безбедност, беа забранети сите летови на цивилни беспилотни летала, во пресрет на Самитот на европски лидери во Копенхаген.
На самитот се очекува да се дискутира за иницијативи за заштита на воздушниот простор на Европа, вклучувајќи и создавање „ѕид од беспилотни летала“ — мрежа на системи за откривање и пресретнување на дронови, како одговор на растечките безбедносни предизвици.
Извор:Мета.мк