Минхен денеска беше потресен од експлозии и пукање во северниот дел на градот. Според првичните информации, најмалку едно лице загина, а друго е повредено. Полицијата интервенираше со голем број сили, улиците беа затворени, но подоцна беше соопштено дека нема понатамошна закана за јавноста.
Инцидентот се случил во утринските часови во близина на Lerchenauer Straße, каде жителите пријавиле силни експлозии и истрели. Полицијата веднаш ја блокирала областа, а пожарникарски екипи интервенирале поради пожар што настанал на местото на настанот.
Германските медиуми јавуваат дека едно лице е пронајдено мртво, додека друго лице било погодено со огнено оружје и пренесено во болница. Засега не се познати мотивите или контекстот на инцидентот, но извори блиски до истрагата наведуваат дека станува збор за изолиран случај.
Во официјално соопштение, полицијата информираше дека „нема опасност за населението“ и дека областа постепено се деблокира. Сепак, голем број жители останале затекнати во своите домови додека траеше полициската акција.