Публиката ќе има можност во живо првпат да го слушне новиот материјал, но и повторно да се сретне со дел од песните што со години го градат препознатливиот звук на бендот и нивното место на домашната независна музичка сцена.
Милко со години се препознаваат како еден од поавтентичните состави во македонската алтернативна музика. Бендот останува релевантен благодарение на студиозниот пристап, авторската доследност и внимателното градење на сопствениот музички израз.
Новото EP „Последен ден“ содржи четири сингла создадени во текот на изминатата година и објавени за издавачката куќа Шарла Рекордс. Изданието го означува нивното враќање по пауза, со освежен звук и нов креативен импулс, во кој учествуваат и музичарките Хана Корнети и Јоана Ристеска.
Концертот вечерва ќе го отвори Хана Корнети со соло настап, а како специјален гостин на сцената ќе се појави и саксофонистот Нинослав Спировски – добро познато име на скопската алтернативна џез сцена и долгогодишен соработник и пријател на бендот.
Покрај песните од новото EP, Милко ќе изведат и дел од постарите композиции што веќе имаат свое место во меморијата на домашната инди публика.
Со оваа промоција, бендот уште еднаш потврдува дека и по речиси две децении постоење останува важен дел од современата македонска музичка сцена.