Македонскиот инди-рок бенд Милко го објави новото издание со наслов „Последен ден“, кое претставува ЕР со четири песни и воедно прво издание од соработката со Шарла Рекордс.
„Последен ден“ е објавен под каталошки број 119 и претставува колекција од четири сингла кои бендот ги реализираше во изминатите година и пол. Со овие песни, Милко го означуваат своето враќање на сцената по одреден период на пауза и воедно најавуваат нова креативна фаза во својата работа.
Бендот постои од 2008 година и зад себе има пет албумски и ЕР изданија, со што се вбројува меѓу подолговечните имиња на македонската независна музичка сцена. Новото ЕР се издвојува со освежен звук и јасно изграден авторски пристап, а песните се дополнително збогатени со гостувањата на Хана Корнети и Јоана Ристовска.
Според издавачот, „Последен ден“ се карактеризира со полетен и искрен израз и се смета за едно од позрелите остварувања на бендот досега, со кое Милко уште еднаш го потврдува својот статус на домашната инди сцена.
Целиот материјал е авторски потпишан од Сашо Митревски, а песните се снимени во студиото „Алшар“, под продуцентска палка на Ивица Јанкуловски. Визуелниот идентитет на изданието, односно омотот, е дело на Давид Ангелевски.
Со објавувањето на „Последен ден“, Милко го заокружуваат периодот на сингл-изданија и најавуваат поактивно присуство на сцената, со можни нови проекти и настапи во наредниот период.
Последен ден ЕР е достапно за преслушување и слободно преземање на следниот линк.
