Оперската певица која маестрално ги отпеа „Кармен“, „Трубадур“, „Кавалерија Рустикана“, „Мадам Батерфлај“, „Орфеј и Евридика“…

Милка Ефтимова, примадоната на Македонската Опера

Милка Ефтимова е исклучителен оперски и концертен уметник, алт и мецосопран певица, доајен на Македонската Опера и амбасадор на Македонската уметност во светот. Преку нејзините бројни настапи и достигнувања, таа остава трајно културно и духовно наследство што ќе продолжи да инспирира многу генерации уметници и музички љубители.

Раните години и образование

Милка Ефтимова е родена на 26 февруари 1936 година во Радовиш. Нејзината љубов кон музиката и уметноста се појавила уште од рана возраст, а нејзиниот талент брзо се истакнал. Завршила средно музичко училиште во Штип и потоа се запишала на музичка академија во Љубљана. Нејзиното образование не застанало тука, бидејќи подоцна завршила и специјализација во Италија, во Санта Чичилија во Рим и на Академијата Киџијана во Сиена.

Кариера

Во мај 1961 година, како член и солист на Хорот на Словенечката филхармонија, настапила во Виена под диригентската палка на големиот Ловро фон Матачиќ. Тој самоиницијативно работел со Ефтимова врз партитурата на Кармен, толкувајќи низа музички и психолошки детали за овој лик. По концертот, ѝ понудил ангажман со операта „Кармен“ во Франкфурт, со уверување дека ѝ претстои блескава кариера. Бидејќи Милка била стипендист на скопската опера, есента во 1961 година станала солист на Операта при Македонскиот народен театар во Скопје.

На 15 декември 1961 година, за првпат застанала на сцената на оперскиот театар со улогата на Ацучена во Вердиевиот „Трубадур“. Ова била почеток на една импресивна кариера што вклучува настапи во „Кавалерија Рустикана“, „Мадам Батерфлај“, „Орфеј и Евридика“ и многу други.

Успеси и признанија

Во 1963 година со диригентот Фимчо Муратовски подготвиле програма за натпревар на Вториот меѓународен конкурс во Софија, каде Ефтимова ја добила третата награда од 117 кандидати од 26 држави. Претседател на жирито бил Тоти Дал Монте од Италија. Од Метрополитен операта од Њујорк, Курт Адлер, и други 23 еминентни уметници напишале за неа – „најпрекрасниот глас и најшармантната певица“.

Милка Ефтимова, преку својата кариера, настапувала во над 20 земји и има отпеано повеќе од 1.200 оперски и концертни настапи. Нејзината најпозната улога останува Кармен, улога која ѝ донела светска слава. Во 1991 година, на 30-годишнината од нејзиниот прв настап, се простила од оперската сцена со улогата на Кармен, а за таа улога таа има изјавено: „Насекаде во светот бев барана токму поради изведбата на таа улога. Севкупната моја лична појава и онаа на Кармен критиката своевремено ја оцени како идеална идентификација во убавината, ставата, гласот, глумата, темпераментот. За да се случи таква совршена претстава мора да се има комплетен стилски и севкупен склоп и мислам дека сепак за мојата перфекција во таа улога на Кармен многу голем удел има човекот со кој ја работев и подготвував, а тоа е Ловро Матичи“.

Од оперската сцена јубилејно се простила со Кармен на 6.11.1991 година. Тоа и било 157 претстава. Во Љубљана реализирала 17 премиерни улоги. Најзначајните пред сè биле Кармен (премиера во 1968 година која рецензијата ја нарекла победа и слава на Ефтимова), потоа Грофицата во „Пикова дама“ на Петар Илич Чајковски, Кабаниха во Катја Кабанова на Леош Јаначек, Арлента во Крунисувањето на Помпеја на Клаудио Монтеверди. Хата во комедијата Продадена невеста на Берджих Сметана и мајка Јела во мелодрамата Еквинокциј на Марјан Козина. Своевиден примат остварила со Марфа во „Хованшчина“ на Модест Мусоргски.

Од Љубљана се вратила во 1978 година во Скопје како првенка на Операта при МНТ. Настапувала во низа обновени премиери од железниот репертоар како Трубадур, Кармен, Бал под маски, Евгениј Оњегин, Кавалерија Рустикана, Кнез Игор и Фауст. Реализирала антологиски премиерни улоги како што е Марчелина во „Свадбата на Фигаро“ од Моцарт и Неда во „Кузман Капидан“ од Трајко Прокопиев.

Педагошка дејност

Покрај својата сценска кариера, Милка Ефтимова била и редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што предавала и во средното музичко училиште. Нејзините студенти често изјавувале дека ги инспирирала и ги мотивирала да работат секој ден, истакнувајќи ја важноста на секојдневната пракса и посветеност.

Изложба и монографија

Во декември 2020 година, во Музејот на македонска борба беше поставена изложба со лични предмети на Милка Ефтимова, која емоционално ја доживеала изложбата на своите лични предмети. Изложбата вклучувала фустани, плакети, фотографии и награди. Автор на изложбата бил Василија Чали, соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.

Во 2021 година, Ефтимова го објави своето монографско дело „Моето богатство“, кое се состои од девет поглавја со автобиографски текстови и илјадници фотографии што ги опфаќаат сите периоди во нејзиниот живот.

Во едно интервју, Милка Ефтимова изјавила: „Ми недостигаат сцената, публиката, никогаш нема да ги заборавам настапите ширум Европа, Америка и во Македонија“. Таа ја истакнува важноста на љубовта кон музиката и публиката како основни двигатели во нејзиниот живот и кариера.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни