Милиони Американци во 2026 остануваат без здравствено осигурување

Истекот на клучни државни субвенции во САД доведе до драстичен раст на цените за здравствено осигурување. Милиони граѓани во 2026 година остануваат без покритие или се соочуваат со енормни трошоци.

За Адриен Мартин и нејзиното семејство, 2026 година започна со тешка одлука – да останат без здравствено осигурување. Оваа 47-годишна мајка од Тексас е само една од милионите Американци кои се соочуваат со нагло зголемување на трошоците или целосно губење на здравствената заштита, откако истекоа клучни државни субвенции.

Нивната месечна премија за осигурување скокнала од 630 долари на дури 2.400 долари, сума што семејството не може да си ја дозволи. Ситуацијата е уште посериозна затоа што сопругот на Мартин зависи од интравенска терапија за нарушување на згрутчувањето на крвта, лек што без осигурување чини околу 70.000 долари месечно. Свесни дека осигурувањето им истекува со почетокот на годината, тие направиле залихи од лекот за да издржат неколку месеци.

„Тоа е како да плаќаме две хипотеки или два големи кредити“, вели Мартин. „Не можеме да дадеме 30.000 долари годишно само за осигурување.“

Политичка блокада со сериозни последици

Семејството Мартин не е изолиран случај. Околу 24 милиони Американци купуваат здравствено осигурување преку пазарот воспоставен со Законот за пристапна здравствена заштита (ACA – познат како Obamacare). Повеќето од нив со години се потпираа на даночни олеснувања кои значително ги намалуваа месечните трошоци.

Тие субвенции беа воведени во 2014 година, а дополнително проширени за време на пандемијата на ковид-19. Сепак, обидите тие да се продолжат и за 2026 година заглавија во политички судир во Вашингтон. Новиот закон, предложен од администрацијата на Доналд Трамп, ги укина субвенциите, што предизвика долга институционална блокада.

Демократите предлагаа продолжување на субвенциите за уште три години, по цена од околу 35 милијарди долари годишно, додека републиканците инсистираа на кратење на јавната потрошувачка. Иако беше најавено гласање во Сенатот, одлука сè уште нема.

Или без осигурување – или огромни сметки

Според непрофитната организација KFF, без субвенции, трошоците за здравствена заштита може да пораснат во просек за 114 проценти.

Меди Банистер, мајка од Калифорнија која неодамна доби второ дете, во 2025 година плаќала 124 долари месечно за осигурување. Во 2026, без субвенции и со новороденче, трошокот ѝ се зголемува на 908 долари месечно.

„Многу луѓе ќе изберат да бидат неосигурени, затоа што е поевтино да платиш казна отколку здравствено осигурување“, вели таа. За нејзиното семејство, тоа значи одложување на плановите за купување дом.

Неизвесна иднина

Гласањето за евентуално продолжување на субвенциите се очекува во првата недела од јануари. До тогаш, повеќе од 27 милиони Американци ќе влезат во 2026 година без здравствено осигурување – бројка што, според експертите, може дополнително да расте.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни