Македонската таеквондо натпреварувачка Милијана Рељиќ постигна голем успех на Светското првенство Г-14 во Вукси, Кина, каде што забележа импресивна победа над Бразил, а потоа доживеа спорен пораз од домашната претставничка во борба што, според нејзиниот тренер, била под силно судиско влијание.
Во првото коло, поради високата ранг-позиција, Милијана беше слободна, а во второто коло се соочи со Селидиене Карнеиро од Бразил, која ја совлада со 2:0 во рунди (6:4 и 6:5). Во втората рунда, иако губеше со 3:5, Рељиќ успеа со удар во глава на помалку од една секунда пред крајот да направи целосен пресврт и да ја обезбеди победата.
„Противничката беше од најсилната бразилска школа, земја која освои злато и сребро во другите категории. Но Мила покажа карактер, дисциплина и неверојатна борбеност“, изјави тренерот Александар Ефтимов, додавајќи дека токму во таа борба таа се здобила со сериозна повреда на бутниот мускул.
И покрај повредата, Рељиќ настапи во следниот меч против кинеската натпреварувачка Ксимин Чен, каде што по негови зборови, судиите одлучиле на домашен терен.
„Во првата рунда резултатот беше изедначен, но и покрај шест чисти удари со рака, не добивме ниту еден поен. Тоа се поени што ги доделуваат страничните судии, а не електронскиот систем. На крај, рундата ѝ ја доделија на домашната претставничка“, објаснува Ефтимов.
Втората рунда заврши тесно со 3:4, а кинеската натпреварувачка подоцна освои бронзен медал.
И покрај нефер исходот, Рељиќ го заврши натпреварувањето на високото 9-то место, освојувајќи 21.17 поени за олимписката ранг-листа за квалификациите за Летните олимписки игри Лос Анџелес 2028.
„Ова е огромен чекор напред. Со овие поени, Мила влегува меѓу првите 20 натпреварувачки на светот. Целта е до јуни 2026 да остане меѓу првите 32 за да може да настапува на четирите Гранд При турнири, кои носат важни бодови за Олимпијадата“, поентира Ефтимов.
Со својата истрајност, борбен дух и спортски интегритет, младата Милијана Рељиќ уште еднаш покажа дека македонскиот таеквондо има иднина и светски потенцијал.
