Милијардерите вложија стотици милиони долари во претседателската кампања на Доналд Трамп. Го опсипаа со пофалби кога победи, му честитаа на социјалните мрежи и донираа во неговиот инаугурациски фонд преку своите компании. Во некои случаи, дури ги менуваа деловните политики во надеж дека ќе стекнат наклонетост во неговиот втор мандат. Досега, овој мандат беше обележан со федерални отпуштања, нови тарифи и остри зборови кон одредени странски лидери.
Богатите луѓе отсекогаш имале влијание во политиката – со огромни донации, а во поново време и преку социјалните мрежи, комуницирајќи со масите што сакаат да ги слушнат. Но, што навистина мислат кога нивниот углед или компанија не се на коцка?
Оваа година, Forbes спроведе анкета меѓу светските милијардери за тоа кој, според нив, е најдобриот претседател во историјата на САД. Повеќето одговори пристигнаа кон крајот на февруари и почетокот на март.
Од 45 анкетирани милијардери, 35 одговориле на ова прашање. Од нив, само еден анонимен испитаник го нарече Трамп најдобриот претседател во историјата на земјата. Уште двајца напишале позитивни коментари за него, но не избрале ниту еден друг претседател како најдобар.
„Хаха… сè уште не му завршил мандатот, па не можам да го наречам ‘најдобриот досега’“, напиша милијардерот и инвеститор во недвижности Игор Олеников, кој не избра ниеден претседател. Слично, еден анонимен испитаник додаде: „Трамп е на добар пат, но сè уште е рано за проценка.“
Кој го сака Реган и зошто?
Повеќето милијардери гласале за поранешни претседатели. Десет од нив го избрале Роналд Реган, што не е изненадувачки, со оглед на тоа што тој беше познат по намалувањето на даноците за богатите, ветувајќи дека тоа богатство ќе „се прелее“ на сите Американци.
Меѓу оние што го избрале Реган се: Дејвид Хофман, инвеститор во недвижности од Нејплс, Флорида, Лери Конор, милијардер и авантурист во секторот недвижности и Рој Сардана, поранешен инженер за ракетно оружје кој стана ИТ-милијардер,
„Реган воведе нова ера на конзервативизам што беше отсутна повеќе од 50 години“, напиша Хофман, кој го направи своето прво богатство преку извршно регрутирање, а сега поседува низа компании. Тој беше „извонреден комуникатор, сакан од обете страни и претставник на најголемата генерација на нацијата.“
Американски претседатели
Дванаесет милијардери гласале за Абрахам Линколн. Индискиот милијардер Ануранг Џејн го пофали Линколн „за неговото лидерство за време на Граѓанската војна и укинувањето на ропството“.
Меѓу неговите поддржувачи се: Норман Брејман, милијардер од автоиндустријата, Стивен Смит, финансиски магнат и Роб Хејл, телекомуникациски гигант.
Како одбираат историчарите?
Како се споредуваат резултатите од анкетата со мислењата на обичните граѓани? Линколн исто така беше рангиран на прво место во анкетата на C-SPAN од 2021 година, во која историчари го оценуваа лидерството на поранешните претседатели. Во таа анкета, Реган беше на деветтото место, а Трамп на 41-вото.
Според слична анкета на Сиена колеџот во 2022 година, Линколн беше втор – веднаш зад Френклин Д. Рузвелт, додека Реган беше на 18-то место.
Следниот најпопуларен претседател меѓу милијардерите во анкетата на Forbes беше Џорџ Вашингтон, кој доби три гласа. Бил Клинтон и Барак Обама добија по два гласа.
Листата ја заокружуваат: Двајт Ајзенхауер, Џорџ В. Буш, Френклин Д. Рузвелт, Џон Ф. Кенеди и Доналд Трамп. Секој од нив доби по еден глас.
Политиката и милијардерите
Многу милијардери, и покрај своето огромно богатство, претпочитаат да останат надвор од политиката.
„Не сакам да се мешам во политика“, напиша еден анонимен милијардер – еден од десеттемина што одговорија на други прашања во анкетата, но избегнаа да го изберат најдобриот претседател.