ФОТО: Проф. Милевски алармира за ризик од свлечиште кај зграда во Железара

Свлечиште во Железара отвори прашања за безбедноста на зградите на нестабилни терени. Професорот Милевски предупредува на ризик од врнежи и земјотреси.

Свлечиштето регистрирано во скопската населба Железара отвори сериозни прашања за безбедноста на новоизградените објекти на нестабилни косини. Професорот Ивица Милевски од Институтот по географија при Природно-математичкиот факултет предупредува дека во Скопје, но и во други градови, сè почесто се градат згради на „меки терени“ со голем наклон – што претставува сериозен ризик во услови на обилни врнежи и сеизмичка активност.

Според него, кај дел од новите објекти последиците стануваат видливи веќе по две до три години – со појава на напукнувања, пропаѓање на улици, паркинзи и тротоари.

„Згради и придружни објекти веќе се градат каде што ќе се стигне, па и на изразито нестабилни косини. Кај некои нови објекти последиците почнуваат јасно да се гледаат по само 2–3 години. Треба да се биде мошне внимателен, особено ако станува збор за објекти изградени на меки терени со голем наклон и во сеизмички поактивни региони“, посочува Милевски.

Тој додава дека интензивни, па дури и екстремни врнежи се извесни во периодот што следи, а и „некое слабо земјотресче, по ефектите врз вакви објекти, може да биде јако“.

Професорот предупредува дека вакви згради никнуваат сè повеќе, не само во Скопје, туку и во другите градови, и изразува надеж дека нема да дојде до лизгање на цел објект или, уште полошо, на урбан блок.

Жителите од Железара, пак, алармираат дека свлечиштето стои нерешено подолг временски период, без видлива интервенција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни