Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денес изјави дека е загрижен поради набавката на офанзивно кинеско оружје од страна на Србија. Набавката ја нарече суверена одлука, но додаде дека не му е јасно со какви цели таа земја гради таков воен капацитет.
„Зошто Србија го прави ова?”
Зборувајќи пред новинари во Загреб, Милановиќ потврди дека Кина им продала на Србија ракетни системи. Изјави дека до одреден степен разбира стремежот кон силна одбрана, но дека набавката вклучува и офанзивни капацитети за кои нема јасно објаснување.
„Зошто Србија го прави ова? До одреден степен разбирам дека сакаат да имаат силна одбрана, но исто така добиваат и офанзивно оружје”, рече Милановиќ.
Притоа нагласи дека позицијата на Хрватска е стабилна: „Хрватска е во НАТО и ЕУ. Србија е изолирана земја, опкружена со членки на НАТО.”
Буџет без јасни извори
Милановиќ изрази и сомнеж во финансиската основа на српското вооружување. Рече дека Србија не е богата земја и дека троши со динамика и ред кои не се транспарентни во буџетот.
Покрај кинеските ракети, тој спомна и руски системи за електронско војување, оценувајќи ги како потенцијален проблем и за американската армија.
Вучиќ и „планот за напад”
Осврнувајќи се на изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој во изминатите денови тврдеше дека Хрватска, Косово и Албанија планираат напад врз Србија, Милановиќ реагираше со иронија: „Тој е доста интересен човек. Како, со што, зошто да нападнеме први. Немаме армија за тоа.”
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ претходно му испрати писмо до генералниот секретар на НАТО во врска со вооружувањето на Србија.