Поголемиот дел од досегашните истражувања за здравјето на човекот во вселената биле базирани главно на машки астронаути. Но како што расте бројот на жени во вселенските мисии, научниците сè повеќе се обидуваат да утврдат дали микрогравитацијата влијае различно врз женското и машкото тело и дали постојат специфични ризици што досега биле недоволно истражени.
Токму тоа било мотивот за нова студија што се фокусира на згрутчувањето на крвта, особено кај жени. Во истражувањето учествувале 18 жени, кои биле вклучени во петдневен тест за да се процени ризикот од развој на потенцијално опасни крвни згрутчувања во услови што симулираат престој во микрогравитација.
Резултатите ги поддржуваат претходните сознанија дека жените може да имаат поголем ризик од венски тромбоемболизам и ја посочуваат хиперкоагулацијата како можен клучен механизам. Истражувањето го водел тим од Лабораторијата за воздухопловна физиологија при Универзитетот Сајмон Фрејзер, во соработка со Канадската вселенска агенција и други меѓународни вселенски институции.
На Земјата, крвните згрутчувања најчесто се поврзуваат со стареењето, но можат да се појават и кај помлади луѓе. Поради гравитацијата, тие најчесто се формираат во вените на нозете, каде предизвикуваат болка и оток. Во потешки случаи можат да стигнат до белите дробови и да предизвикаат белодробна емболија, срцев или мозочен удар.
Во вселената, сепак, условите се поинакви. Во микрогравитација, крвта се прераспределува кон главата, а понекогаш и кон стапалата, што создава услови во кои е поверојатно да се формира згрутчување. Научниците наведуваат дека во вселенски услови тромбовите почесто се појавуваат во југуларната вена, од каде многу полесно можат да стигнат до срцето или белите дробови и да предизвикаат сериозен медицински настан.
Првите посериозни индикации дека астронаутките би можеле да бидат изложени на повисок ризик се појавиле во 2020 година, кога кај една астронаутка на Меѓународната вселенска станица неочекувано бил откриен згруток во југуларната вена.
Во новото истражување, научниците ги следеле реакциите на згрутчување на крвта во реално време кај 18 здрави жени во текот на пет дена, користејќи метод што симулира бестежинска состојба. Потоа нивната крв била анализирана со ротациона тромбоеластометрија, техника што ја мери брзината со која згрутчувањето започнува и се развива. Дополнително биле анализирани и женските хормони, но не било утврдено дека тие имаат значително влијание врз самиот процес на коагулација.
Клучните наоди покажуваат дека во микрогравитација времето потребно крвта да почне да се згрутчува е подолго, но штом процесот еднаш започне, згрутчувањето се одвива побрзо. Освен тоа, формираните згрутчувања биле поцврсти и постабилни од оние што вообичаено се среќаваат кај пациенти на Земјата, што значи дека потешко се разградуваат.
Овие резултати отвораат сериозни прашања за идните долготрајни мисии, особено оние кон Месечината и Марс, каде екипажите ќе бидат далеку од итна медицинска помош. Истражувачите сега ги споредуваат резултатите со студии направени врз машки доброволци, со цел подобро да се разбере дали ризиците навистина се разликуваат според полот.
Во меѓувреме, вселенските агенции веќе преземаат мерки на претпазливост. Астронаутите на Меѓународната вселенска станица редовно се следат со ултразвук на горната шуплива вена, токму со методот преку кој случајно бил откриен згрутокот кај астронаутката во 2020 година.