Здравјето на цревата кај малите деца може да има далекусежно влијание врз нивната емоционална и ментална благосостојба подоцна во животот, покажува ново истражување на Универзитетот во Калифорнија, објавено во научното списание Nature Communications.
Според студијата, децата на возраст од две години кај кои биле присутни повеќе бактерии од групите Clostridiales и Lachnospiraceae, пет години подоцна почесто покажувале знаци на анксиозност, депресија и други т.н. „внатрешни симптоми“ на емоционален дистрес.
Научниците ја објаснуваат оваа поврзаност преку т.н. оска мозок–црево, биолошка мрежа која овозможува двонасочна комуникација меѓу дигестивниот систем и мозокот, со влијание врз расположението, стресот и когнитивните процеси.
„Нашите резултати покажуваат дека раните модели на микробиом можат да помогнат во обликување на мозочните врски кои го одредуваат менталното здравје во детството,“ изјави професорката Бриџит Калаган, раководител на истражувањето.
Истражувањето опфатило 55 деца од Сингапур, кај кои биле собрани примероци од столица, снимки од мозокот и податоци за однесувањето во различни возрасни фази. Со анализа на мозочната активност на шестгодишна возраст и поврзување со податоците за микробиомот на двегодишна возраст, истражувачите утврдиле можен биолошки показател за менталната состојба во понатамошното детство.
Овие резултати се во согласност со претходни студии кои покажуваат дека одредени бактерии од истите групи се поврзани со симптоми на депресија и кај возрасни лица. Сепак, научниците нагласуваат дека потребни се поголеми и подетални истражувања за да се потврди дали овие бактерии директно предизвикуваат психолошки нарушувања.
Калаган додава дека идните студии ќе помогнат во утврдување кои конкретни видови бактерии се највлијателни:„Откако ќе ги идентификуваме видовите, ќе можеме преку исхрана или пробиотици да влијаеме врз микробиомот за подобрување на менталното здравје во најраните години.“