Последните октомвриски денови екипата на Трн ги искористи за посета на битолскиот крај. Сончевото време ни годеше да прошетаме по Широк Сокак. И тука во изобилството на угостителски локали некои ни го привлекоа вниманието. Гордо ги канеа случајните минувачи на битолско пиво. Не можевме, а да не одолееме на тоа што се нудеше. По само неколку голтки од битолското пиво се заинтересиравме кој е мајсторот.
Не ни требаше многу време за да откриеме, но во исто време и да го запознаеме изумителот, Марјан Бакревски. Горд е на своите музички успеси од каде всушност тргнува и приказната со пивото. Еве што ни раскажа додека шетавме низ погонот за производство, дегустирајќи ги и останатите видови на пиво, од кои и безалкохолното.
Како започнува вашата лична приказна со призводство на пиво, од каде желбата и идејата?
На неколку наврати со татко ми и брат ми зборавме за правење домашно пиво. Имавме неколку обиди да направиме со пелагониски прехрамбен јачмен, од кои пивото не личеше на ништо. Потоа најдовме некој канал од Србија да ни донесат јачмен за пиво, па направивме нешто што тогаш личеше на некакво пиво.
Како професионален музичар, често се дружам со музичари. Една екипа, Мемфис Мафија од Битола свири одлична музика, но и произведуваа одлично вино и ракија. Со групата правевме музички проби, но често пробите изгледаа на дегустација на храна, вино и ракија. Си реков да правам и јас вино и ракија нема потреба, ќе пробам со пивото. Тука веќе направив помали количини пиво што беа малку посериозни и со малку подобар квалитет од почетните.
Како се прави пиво, од каде набавувате состојки?
Производство на пиво во кратки црти значи вадење на шеќерите од јачменовиот слад во вода (јачменот се преработува, и од прехрамбен се претвара во пивски јачменов слад), мешање со хмељ за арома и горчина и додавање на квасец кој ќе го изеди целиот тој шеќер и ќе го претвори во алкохол и ароми кои се присутни во пивото. Состојките моментално ги набавувам од Словенија и Грција. Ми е криво што сме одлично подрачје за одгледување на хмељ, а никој тоа не го прави.
Какви видови на пиво произведувате и кои се можностите за дегустација, односно каде го пласирате?
Имаме две врсти на пиво, Пејл Ејл и Стаут. Работиме на два нови типови на пиво кои ќе ги лансираме во скоро време. Пивата ги има во повеќе локали во Битола, во Добри Вибрации, Бурбон, Кус Кус, во Охрид во Ајриш Паб 5, Форт Кафе и Скопје во Калдрма бар, Беер Гарден, Глуво куче, Сакам пиво, Микропаб и други места кајде што може да се дегустира пивото.
Отворен ли е пазарот за нови вкусови, кои се реакциите на пријателите и познаниците?
Пазарот е секако отворен за нови вкусови. Секој сака да проба нешто ново, поразлично или подобро. Наша работа е да направиме пиво кое луѓето ќе продолжат да го конзумираат. Познаниците даваат зелено светло за тоа што го работиме. Често позитини критики, повремено и совети за промени за тоа што не им се допаѓа. Убаво е да имаш искрена публика.
Се размислува ли за проширување на бизнисот?
За проширување на бизнисот се размислува, но ќе покаже времето и пазарот. Проширувањето моментално го правиме во купување на нова опрема која го подобрува квалитетот на производот. За скоро планираме и за квантитативно зголемување на производство.
Ако се навратите на почетоците имаше ли скептици?
Да, јас!
Исплатливо ли е во Македонија човек да произведува пиво?
Во Македонија секој бизнис е исплатлив ако се работи вредно и чесно.