Микеланџело не ги уништил своите скици, откриена тајната по 400 години

Нова историска истрага идентификува најмалку 20 дела што со векови се сметале за изгубени или уништени

Повеќевековната легенда дека Микеланџело ги уништил своите скици и дела непосредно пред смртта во 1564 година е доведена во прашање. Нова истрага, базирана на архивски документи, укажува дека уметникот не ги запалил своите цртежи и скулптури, туку ги сокрил за да ги заштити.

Со децении се тврдеше дека Микеланџело, непосредно пред смртта на 18 февруари 1564 година, уништил стотици скици, цртежи и скулптури што се наоѓале во неговиот дом во Рим. Оваа верзија на настаните се темелеше на историски претпоставки и традиционалната биографија на мајсторот.

Меѓутоа, независната истражувачка Валентина Салерно по повеќегодишна работа во италијански и странски архиви, вклучително и Државниот архив и Ватикан, објави студија во која тврди дека пронашла документарен ланец што докажува дека најмалку 20 дела се автентични и не биле уништени.

Според студијата, наместо да ги запали, Микеланџело ги преместил делата во тајна просторија со цел да ги заштити од кражба и злоупотреба. Во тестаменти, инвентари и нотарски записи се опишува постоење на скриена локација, за чие отворање бил потребен систем со повеќе клучеви.

По неговата смрт, нотарот Франческо Томасино пронашол само три статуи и неколку цртежи, додека остатокот од делата веќе бил преместен. Истражувањето посочува дека по смртта на уметникот дошло до несогласувања меѓу Рим и Фиренца околу неговото наследство.

Поради значењето на откритието, во Ватикан во 2024 година бил формиран научен одбор со експерти од различни институции, кој работи на потврдување на автентичноста на пронајдените дела и на дополнителна проверка на архивските траги.

Интересот за новите наоди дополнително се зголемил по рекордната аукција во Лондон, каде што скица припишана на Микеланџело била продадена за повеќе од 27 милиони долари.

Истражувањето продолжува со цел лоцирање на други дела што можеби се наоѓаат во приватни колекции и архиви. Доколку се потврдат наодите, можно е да се ревидираат делови од официјалната биографија на ренесансниот мајстор и да се отвори ново поглавје во историјата на уметноста.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни