Микеланџеловата фреска во Сикстинската капела оштетена од пот и здив на туристите

Фреската „Страшниот суд“ на Микеланџело во Сикстинската капела е оштетена од пот и здив на милиони туристи. Во рамки на „реставрација на векот“, експерти користат специјална техника за отстранување на наслагите без да се затвори капелата за јавноста.

Фреската „Страшниот суд“, дело на италијанскиот ренесансен уметник Микеланџело, која се наоѓа во Сикстинската капела, е во процес на реставрација, прв пат по неколку децении.

Ватиканските официјални лица соопштија дека фреската е оштетена поради долгогодишното изложување на милиони посетители.

Експертите објаснуваат дека човечкиот пот и здив, односно млечната киселина, во комбинација со калциумот од ѕидовите на капелата предизвикале формирање бел кристален слој на површината на фреската, што довело до промена на тоналитетот и намалување на контрастот на светло и сенка, пренесува британскиот „Telegraph“.

Главниот реставратор на Ватикан, Паоло Виолини, истакна дека човечкиот пот е главниот виновник за оштетувањето на ремек-делото.

„Микрочестички кои циркулираат во воздухот внатре во капелата и преку системот за прочистување на воздухот предизвикале таложење на супстанци на одредени ѕидови, особено овде“, рече тој.

Седум ката скели поставено е пред фреската со површина од 180 квадратни метри додека реставраторите ја отстрануваат промената на бојата предизвикана од потот на милиони туристи кои ја посетуваат секоја година.

Фабрицио Биферали од Ватиканските музеи изјави дека сводниот плафон и наклонот на ѕидот не само што претставувале технички предизвик за уметникот, туку и за конзервацијата на делото.

„Станува збор за проток на воздух, бидејќи кога ќе се отворат вратите на Сикстинската капела, воздухот тежнее да излезе и носи овие честички со себе, кои се лепат на ѕидот на Страшниот суд. Овој ѕид е поладен, создавајќи ефект на кондензација и формирајќи патина која останува“, објасни тој.

Стручњаците го нарекуваат ова „реставрација на векот“, при што околу 30 експерти постепено ги отстрануваат наслагите користејќи специјален јапонски хартиен материјал натопен со дестилирана вода.

Работите треба да траат три месеци, а капелата за тоа време ќе остане отворена за јавноста.

Ватиканските музеи истакнуваат дека дневниот лимит на посетители моментално изнесува околу 25.000, додека претходно достигнувал и 35.000.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни