Михаил Корубин за изложбата „Артокенс Генеза“: Артокените се визуелни отсликувања на светот

Преку овој долг процес на развивање на концепт, човек има можност да научи многу, како за себе така и за темата што ја обработува. Сметам дека една од поважните лекции—што веројатно сите ја знаеме, но кај мене дополнително се втемели—е дека идеите се создаваат и еволуираат експоненцијално токму преку посветена работа и фокус кон одредената тема. Доколку остане човек доследен на еден проект, идеите што ќе се вродат и развијат се невозможни да се предвидат однапред. По подолг период на посветеност, умот добива капацитет да отвора нови димензии во полето во кое, на некој начин, е трениран

Најновиот проект на Михаил Корубин, ,,Артокенс Генеза“, кој на 22 октомври беше промовиран во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, не е само изложба – тоа е вовед во еден сосема нов универзум на симболи, линии и мисли.

Преку серијата слики и визуелни знаци, Корубин создава систем на „уметнички зборови“ – геометриски форми што зборуваат за идеите, емоциите и човечката потрага по значење. Книгата Артокенс – Генеза, која ја придружува изложбата, ја претставува првата мапа на овој јазик – неговата граматика, структура и логика.

Во овој разговор, уметникот зборува за раѓањето на „Артокените“, за идејата зад нивната визуелна синтакса, за процесот на создавање и за границите помеѓу уметноста, симболиката и зборот. Со „Артокенс Генеза“, Корубин не само што го поставува почетокот на нов уметнички концепт, туку отвора прашање: може ли уметноста да стане јазик што сите го разбираат – без превод?

Трн: Каков е концептот зад новата серија „Раѓање на Артокените“? Што симболизира?

Михаил: На оваа изложба беа презентирани четири дела од новата серија „Артокенс Генеза“: Наука, Љубов, Гравитација и Мемории. Овие дела се рачно изработени на двослоен плексиглас со користење на акрилни бои, во димензии од 110 x 90 см.

Артокени Генеза серија: Создавање на Артокенот „Наука“

За разлика од супериорните Артокени, кои се создаваат во лимитирани едиции според моќта и реткоста на соодветниот збор, делата од оваа серија се посебни – од секој поим постои само еден примерок (еден од еден).

Серијата „Артокенс Генеза“ има за цел да го прикаже мисловниот и креативниот процес на развој на еден Артокен, преку скици во кои се визуелизира значењето на боите, геометриските форми и прогресот на самиот дизајн. Додека секој од супериорните Артокени се одликува со бројни скици и варијации на дизајнот, овде сите идеи се синтетизирани и претставени во едно единствено дело.

На изложбата беа претставени и нови слики, изработени во техника акрил и масло на платно, во кои Артокените за првпат добиваат и физичка форма. Ова материјализирање претставува значаен момент во развојот на концептот, бидејќи токму од овие физички облици првично потекнува инспирацијата за поголемиот дел од Артокените.

Трн: Каков е процесот на создавање на еден Артокен?

Михаил: Штом ќе ми се допадне некој збор, најпрво размислувам како да го претставам со само неколку геометриски форми. Секој Артокен-збор е составен исклучиво од прави линии и три геометриски форми: шестоаголник, круг и рамностран триаголник. Овие фигури се ограничени на максимум 18 геометриски елементи за еден Артокен. Преку овие однапред зададени правила, сакав да поттикнам создавање на свет во кој креативноста се буди и развива во строго дефинирани граници.

Според една дефиниција која ја создадов, Артокени се визуелни отсликувања на светот, опфаќајќи ја суштината на формата или идејата низ призма на неколку скоро совршени геометриски форми, притоа трансформирајќи ги во чист, минималистички, симболичен концепт.

Оттука, се изработуваат скици и концепти за тоа како одреден збор може да се претстави во оваа форма на визуелно изразување. Секој супериорен Артокен се црта рачно на 350-грамска хартија, користејќи специјално архивско пенкало и боици. Следниот чекор е рачното врамување помеѓу три стакла, со паспарту во соодветна боја зависно од едицијата. Постојат пет бои што ги означуваат овие знаци, во зависност од реткоста на зборот како поим.

Едиција на супериорни Артокени

Трн: Артокенс сега добива и синтакса – дали тоа значи дека развиваш целосен визуелен јазик?

Михаил: На оваа изложба беше претставена и новата книга „Артокенс – прв дел“, во која детално е опишан целиот мисловен процес што стои зад Артокените, нивните правила и синтакса, како и начинот на нивното пишување. Покрај тоа, во книгата се вклучени сите супериорни Артокени, заедно со нивните скици и дизајнерски решенија.

Освен „супериорните Артокени“, кои се во боја, покомплексни и означуваат зборови со значителна моќ, како епски настани и длабоки чувства, во оваа книга за прв пат се претставени и „примарните Артокени“. Примарните Артокени се составени од зборови кои служат за создавање на реченици. Тие ги опфаќаат сите лексички категории: описните зборови, како и оние што се неопходни за граматичко поврзување на речениците, како сврзници, предлози, броеви, бои и итн.

Во однос на дизајнот, примарните Артокени се поедноставни, со монохроматска палета, и се конципирани да функционираат како пишано писмо со перо. Во светот на Артокените, секој збор има своја примарна форма, но само одредени зборови имаат и супериорна верзија.

Трн: Планираш ли проширување на Артокенс – можеби на дигитална платформа, апликација, или нешто интерактивно?

Михаил: Во моментов ништо од тој тип на интеракција не е планирано, но во иднина е предвидено Артокените да добијат и аудиоформа. Оваа идеја е веќе концептуализирана, но нејзината реализација ќе бара подолготрајна работа, темелно истражување и експериментирање како во техничкиот, така и во креативниот сегмент. Се надевам на следната изложба ќе може да се види и дел од оваа еволуција.

Трн: Што научи за себе низ процесот на развивање на Артокенс?

Михаил: Преку овој долг процес на развивање на концепт, човек има можност да научи многу, како за себе така и за темата што ја обработува. Сметам дека една од поважните лекции—што веројатно сите ја знаеме, но кај мене дополнително се втемели—е дека идеите се создаваат и еволуираат експоненцијално токму преку посветена работа и фокус кон одредената тема. Доколку остане човек доследен на еден проект, идеите што ќе се вродат и развијат се невозможни да се предвидат однапред. По подолг период на посветеност, умот добива капацитет да отвора нови димензии во полето во кое, на некој начин, е трениран.

Трн: Изложбата се вика „Артокенс генеза“. Зошто „генеза“? Што означува овој момент во развојот на Артокенс?

Михаил: Ова претставува прва изложба на Артокени воопшто, и токму затоа сакав да го прикажам и почетокот и развојот на овие дела. Во рамки на изложбата е презентирана и првата книга, која ги објаснува основите и правилата на овој свет. Насловот на изложбата произлезе природно од самата содржина, а за насловот на следната изложба ќе размислуваме дополнително.

Трн: Изложени ќе бидат и новите 50 супериорни Артокени. Што е посебно кај нив во споредба со претходните?

Михаил: Лексиконот на Артокените е во постојан развој и проширување, па така и на оваа изложба беа додадени нови зборови. Мојата цел е да развијам значителен број Артокен-симболи; сè уште не знам до каде би можел да одам со овој процес. Засега, имам намера да подготвам уште три книги, со кои би го заокружил овој проект.

Трн: Дали некое дело од изложбата има особено лично значење за тебе – можеби дел што претставува клучен момент во развојот на Артокенс?

Михаил: Можеби и најзначајниот Артокен што беше презентиран на изложбата е токму зборот „Зајдисонце“. Тоа е првиот настан што ме поттикна да го овековечам како симбол, и од него започна целата приказна. Самиот настан содржи едноставна, но совршена геометрија и движење – речиси идеален круг што се спушта и полека исчезнува под линијата на хоризонтот. Природно, токму ова движење го инспирираше и формирањето на првиот Артокен.

Супериорен Артокен “Зајдисонце”

Веднаш потоа следуваа Артокените за „Слобода“ и „Тишина“, а потоа и самото име „Артокени“. Со зборот „Зајдисонце“ се роди и вистинскиот концепт за новата серија слики на акрил и масло на платно, која исто така го носи истото име. Во оваа серија може да се забележи како Артокенот добива и своја физичка форма, инспирирана од самиот симбол, на ист начин како што Артокенот беше инспириран од овој едноставен, секојдневен, но секогаш величествен настан. Тоа е миг на тишина и мир, што нè повикува на размислување, сонување и реколекција на животот.

Зајдисонце“ — акрил и масло на платно
Артокен – подтекст: На зајдисонце мислам на тебе.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни