Скопје ќе биде домаќин на новата изложба на уметникот Михаил Корубин – „Артокенс генеза“, која беше отворена на 22 октомври 2025 година, во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во објект на Педагошкиот факултет.
Настанот ја означува промоцијата на првата „Артокенс“ книга, со која Корубин отвора едно ново поглавје во современата македонска визуелна култура. Делото ги истражува визуелните и симболичките кодови што уметникот ги развива последните неколку години, претворајќи ги во систем на универзални знаци – јазик на форма, боја и ритам.

Книгата е двојазично издание (на македонски и англиски јазик) и ја содржи генезата на „Артокените“: сите супериорни и примарни симболи, нивниот процес на создавање, правилата, синтаксата и логиката што го дефинираат овој нов визуелен јазик. За прв пат, публикацијата ги претставува примарните Артокени за создавање реченици, меѓу кои заменки, придавки, глаголи, членови и броеви од 0 до 9.„Артокените“ се замислени како спој на уметност и симболика – зборови преточени во геометрија, емоции сведени на линија, круг и движење. Во нив, јазикот не се чита – се гледа. Формата станува мисла, а мислата добива боја.


Изложбата „Артокен генеза“ ќе претстави и нова серија слики (акрил и масло на платно), интегрирани во Артокенс универзумот. Покрај нив, публиката ќе може да ги види 50 нови, досега необјавени Супериорни Артокени, како и целосно новата серија „Раѓање на Артокените“ (акрил на плексиглас).
Книгата ќе биде достапна за купување на самата изложба, а од денес и преку веб-сајтот на проектот.


Михаил Корубин, магистер по ликовни уметности, е познат по своите концептуални истражувања и современ пристап кон формата и бојата. Неговите дела биле изложувани во Канада, САД, Франција и Бугарија, а е застапен и во меѓународната публикација Masters of Contemporary Fine Arts.

Со „Артокен генеза“, Корубин ја заокружува првата фаза на проектот Артокенс – визија за уметност што не само што се гледа, туку и се чита. Тоа е универзум на симболи што зборуваат, визуелен јазик што ја поврзува уметноста со мислата, линијата со чувството, зборот со тишината.