Светскиот шампион во Формула 1, Михаел Шумахер, на 29 декември 2013 година доживеа тешка несреќа при скијање на Алпите, при што се здоби со сериозни повреди на главата и падна во кома. Оттогаш, легендарниот возач се нема појавено во јавноста, а информациите за неговата здравствена состојба со години се предмет на шпекулации.
Семејството на Михаел Шумахер досега одбиваше да зборува за неговото здравје, со исклучок на неколку емотивни моменти во документарниот филм на Нетфликс.
И покрај очекувањата дека документарецот ќе донесе повеќе одговори, јавноста не доби конкретни детали. Најновите информации што ги пренесува британскиот таблоид Daily Mail се значително пооптимистички.
Според извор близок до семејството, по години интензивна физикална терапија, Шумахер повеќе не е врзан за кревет. Наводно, тој може самостојно да седи, па дури и да зборува, иако комуникацијата е ограничена.
Иако сè уште не може да оди, се тврди дека може да седи во инвалидска количка, а за него постојано се грижат медицински сестри и физиотерапевти. Шумахер живее меѓу Швајцарија и Мајорка, во строго обезбеден имот вреден околу 30 милиони евра, до кој пристап имаат само најблиските членови на семејството и мал круг доверливи луѓе.
Во текстот се демантираат и претходните шпекулации дека тој присуствувал на свадбата на својата ќерка. Според изворите, Михаел не бил дел од семејната прослава.
И покрај ограничените информации, најновите наводи внесуваат надеж дека здравствената состојба на седумкратниот светски шампион постепено се подобрува.
