Мицотакис: Грција во иднина може да се насочи кон нуклеарна енергија

Говорејќи на конференција за енергетска транзиција во Атина, Мицотакис изјави дека Грција „треба да биде подготвена да се приклучи на нуклеарниот сојуз“.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денеска навести дека Грција во иднина би можела да развие нуклеарна енергија како дел од зелената транзиција.

Говорејќи на конференција за енергетска транзиција во Атина, Мицотакис изјави дека Грција „треба да биде подготвена да се приклучи на нуклеарниот сојуз“.

„Ова можеби ќе биде шок за некои што нè слушаат, со оглед на тоа што Грција нема искуство со нуклеарна енергија. Но, кога ќе го погледнам целокупниот развој на енергетскиот сектор, не гледам начин светот да постигне јаглеродна неутралност без нуклеарна енергија, и гледам многу интересен напредок во оваа област,“ рече тој.

Мицотакис додаде дека не верува оти тоа ќе се случи наскоро, но сака Грција „да биде дел од разговорот“ за користење на нуклеарна енергија, пренесува „Катимерини“.

Во исто време, Мицотакис изрази загриженост за ескалацијата на војната меѓу Израел и Иран, наведувајќи дека Иран не смее да поседува нуклеарно оружје, но потенцираше дека решението може да се постигне само по дипломатски пат.

Тој забележа дека ситуацијата во Газа и понатаму е многу загрижувачка и дека глобалното внимание не смее да биде ограничено само на конфликтот меѓу Израел и Иран.

„Фактот што сега имаме судир меѓу Израел и Иран не треба да нè обесхрабри да ја истакнуваме итната потреба од прекин на огнот во Газа и непречен пристап на населението во Газа до значајна хуманитарна помош која ќе одговори на нивните итни потреби,“ рече тој.

Мицотакис нагласи дека Грција нема да учествува во потенцијална мисија на НАТО на Блискиот Исток, посочувајќи дека Атина не е поврзана со тој конфликт, за кој оцени дека нема воено решение.

„Наша обврска е да обезбедиме безбедност на нашите граѓани во поширокиот регион. Успешно ја организиравме евакуацијата на дел од грчките граѓани од Израел. Тоа се комплексни операции. Се надевам дека нема да треба да организираме нови,“ изјави Мицотакис.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни