Безбедниот поморски домен промовира глобална политичка стабилност, економска стабилност, безбедност на снабдувањето, одржлив развој и благосостојба на сите луѓе. И ние, како меѓународна заедница, треба да направиме повеќе за да ја зајакнеме поморската безбедност, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговото обраќање на третата Конференција на ОН за океаните во Ница.
Додаде дека токму важноста на поморската безбедност, Грција ја истакна и за време на грчкото претседателство со Советот за безбедност и посочи дека за заштитата и безбедноста на океаните и мориња, неопходни се правните рамки.
Се осврна и на ратификацијата на договорот за морскиот биодиверзитет надвор од националната јурисдикција, рече дека е „историски чекор за зачувување и биолошка разновидност, а меѓународната заедница треба да го поттикне неговото спроведување што е можно поскоро“ и посочи дека Грција го завршува својот дел, го ратификуваше договорот и го достави документот од ратификацијата.
Мицотакис нагласи дека за Грција, морето не е само важно, туку е дел од нивниот идентитет.
– Со задоволство соопштувам дека Грција презеде многу важен чекор во заштитата на морето на национално ниво: пред крајот на овој месец ќе започнеме со законскиот процес за создавање два нови национални морски паркови, еден во Јонското Море и друг во јужните Киклади во Егејското Море, како прва фаза, а ќе следат и други. Со новите паркови, значително ќе ги зголемиме нашите заштитени морски подрачја во нашите територијални води, рече Мицотакис.
Дополнително посочи дека преземаат и сеопфатни мерки за да гарантираат дека сите заштитени морски подрачја се ефикасно заштитени и дека тие не се „паркови на хартија“.