Американската технолошка компанија Microsoft најави дека ќе инвестира 10 милијарди долари во Јапонија до 2029 година, со цел да ја зајакне инфраструктурата за вештачка интелигенција и клауд технологии. Претседателот на компанијата, Бред Смит, ова го соопшти по средбата со јапонската премиерка Санае Такаичи, истакнувајќи дека инвестицијата ќе помогне во долгорочниот економски развој на земјата.
Во рамки на проектот, Microsoft ќе соработува со SoftBank и Sakura Internet, со цел да се унапреди клауд инфраструктурата и да се зголемат капацитетите за развој на AI технологии. Покрај технолошките вложувања, планот вклучува и обука на кадри, како и зајакнување на сајбер-безбедноста, што се смета за клучно за дигиталната иднина на јапонската економија.
Премиерката Такаичи ја оцени инвестицијата како „многу значајна“, особено во контекст на зајакнување на дигиталниот суверенитет и контролата врз податоците во рамки на националните граници. Оваа најава се надоврзува на претходниот план од 2024 година, кога Microsoft најави инвестиции од 2,9 милијарди долари за модернизација на дата-центри и развој на клауд услуги во Јапонија.