Американскиот технолошки гигант Microsoft објави дека планира да инвестира 10 милијарди долари во изградба на дата центри во португалскиот град Синеш во наредните неколку години.
Центрите ќе се градат во партнерство со компанијата Start Campus, инфраструктурната платформа Nscale и Nvidia, која ќе обезбеди 12.600 графички процесори за нивно работење.
Start Campus, заеднички проект на американскиот инвестициски фонд Davidson Kempner и британската група Pioneer Point Partners, уште во април најави инвестиција од 8,5 милијарди евра до 2030 година во истиот технолошки комплекс, за да ја задоволи растечката побарувачка на големите компании за вештачка интелигенција.
Планот за Синеш предвидува изградба на шест објекти, од кои еден веќе е во функција.
„Со зајакнување на националната инфраструктура за вештачка интелигенција преку соработка со компаниите Nscale, NVIDIA и Start Campus, помагаме Португалија да се позиционира како европски центар за одговорен развој на вештачката интелигенција,“ изјави Бред Смит, претседател на Microsoft.
Португалија воедно развива и големи зелени енергетски проекти за напојување на новите центри, а благодарение на стратегиската локација на атлантскиот брег, Синеш станува важно јазло за подморски интернет-кабли кои ја поврзуваат Европа, Африка и Америка.
