Компанијата Microsoft објави дека во мај ќе ја исклучи апликацијата Skype, која ја купи во 2011 година за 8,5 милијарди долари. Дел од нејзините услуги ќе бидат префрлени на платформата Microsoft Teams.
Корисниците на Skype ќе можат да ги користат своите постоечки профили за најавување на Teams.
Skype беше основан во 2003 година во Талин, Естонија, од група инженери и стана пионер во интернет комуникацијата, заменувајќи ги фиксните телефони. Во 2005 година, платформата беше купена од eBay, кој подоцна додаде можност за видео повици.
До 2011 година, кога Microsoft го купи Skype од eBay, апликацијата имаше околу 170 милиони корисници ширум светот, изјави тогашниот извршен директор на Microsoft, Стив Балмер.
Во последните години, Skype се соочи со конкуренција од поедноставни апликации како Zoom, кои привлекоа повеќе корисници, делумно поради тоа што технологијата на Skype не беше целосно прилагодена за модерната ера на паметните телефони.
„Skype беше клучен дел од обликувањето на модерната комуникација. Мило ни е што бевме дел од тоа патување,“ соопштија од Microsoft.