Microsoft воведува низа промени во системот Windows 11, со фокус на персонализација на интерфејсот, оптимизација на вештачката интелигенција и поголема контрола врз ажурирањата на системот, сето тоа според барањата на корисниците.
Новиот правец на развој на Windows се темели на опсежна анализа на повратни информации од корисниците собрани во текот на изминатите месеци. Инженерските тимови на Microsoft се фокусираа на решавање на клучните забелешки од заедницата, ставајќи акцент на квалитетот и функционалноста на системот, како што е објавено на официјалниот блог. Првите од овие промени ќе бидат достапни за учесниците во Windows Insider програмата веќе во текот на март и април, додека континуиран напредок се очекува до крајот на годината.
Една од најзначајните новини е враќањето на пошироки можности за прилагодување на алатната лента (taskbar). Корисниците повторно ќе можат да го позиционираат taskbar-от на горниот или страничните делови од екранот, што беше едно од најчестите барања од корисниците кои биле навикнати на таа опција во претходните верзии на Windows. Со ова, целта е да се овозможи полесна персонализација на работниот простор според индивидуалните потреби на корисниците.
Можноста за поместување на taskbar-от на врвот, левата или десната страна од екранот била присутна во речиси сите верзии на Windows од почетоците на модерниот интерфејс. Таа опција првпат била претставена во Windows 95 и се задржала како стандардна низ сите следни верзии: Windows 98, Me, 2000, XP, Vista, 7, 8 и 10 – додека во Windows 11 била неочекувано отстранета. Корисниците со децении можеа едноставно да ја „отклучат“ алатната лента и да ја повлечат на било кој раб од екранот, што особено стана популарно со појавата на widescreen монитори, каде странично поставениот taskbar штеди вертикален простор. Со појавата на Windows 11, taskbar-от остана фиксиран само на долниот дел од екранот, што предизвика незадоволство кај многу корисници.
Помалку „гужва“ за Copilot
Промени ќе има и во начинот на кој вештачката интелигенција е интегрирана во системот. Microsoft планира да го намали бројот на „влезни точки“ за Copilot во апликации како Snipping Tool, Photos, Widgets и Notepad. Целта е да се постигне поконзистентна и покорисна интеграција на AI алатките, со фокус на искуства што навистина им користат на корисниците и избегнување непотребно оптоварување на интерфејсот.
И File Explorer, една од најкористените компоненти на оперативниот систем, добива подобрувања. Фокусот е ставен на побрзо стартување на апликацијата, намалување на „треперењето“ на интерфејсот и пофлуидна навигација. Инженерите ветуваат посигурни перформанси при секојдневна работа со датотеки.
Контрола на ажурирањата
Системот Windows Update исто така се трансформира со цел да стане попредвидлив и помалку наметлив. Корисниците ќе добијат поголема контрола, вклучувајќи можност за прескокнување на ажурирања при иницијално поставување на уредот, како и опции за исклучување или рестартирање на компјутерот без задолжителна инсталација на закрпи. Се воведува и можност за подолго паузирање на ажурирањата, со значително намалување на бројот на автоматски рестартирања. Дополнително, Microsoft најавува потранспарентна Windows Insider програма со појасни канали и полесен пристап до нови функционалности.