„Ми се закануваат со смрт затоа што држев бебе вомбат“

Американска инфлуенсерка, снимена како во Австралија го зема во прегратка бебето на вомбат од неговата вознемирена мајка, изрази жалење за својот чин, но истовремено откри дека добила илјадници закани по живот.

„Навистина ми е жал“, изјави Сем Џонс, која себеси се опишува како „љубител на природата и ловец“.

На видеото што предизвика бурни реакции, таа е снимена како излегува од автомобилот, приоѓа до работ на шумата и го зема бебето вомбат во прегратка, додека неговата мајка очајно трча по него.


„Го фатив бебето вомбат!“, се слуша Џонс како вели на снимката, додека малото животно се обидува да се ослободи од нејзиниот стисок.

Во позадина, маж кој го снима настанот се смее и коментира: „Гледај ја мајката, го брка бебето!“

Под видеото, кое подоцна беше избришано, Џонс напиша: „Се оствари мојот сон да држам вомбат! Бебето и мајката на крајот полека се вратија во грмушките.“

Австралискиот премиер со остра реакција

Снимката предизвика силни реакции во Австралија, а премиерот Ентони Албанезе саркастично ѝ порача: „Нека проба да земе бебе крокодил од мајка му, па да видиме што ќе се случи.“

Во објава на Инстаграм, Џонс се обиде да ја оправда својата постапка, велејќи дека сакала да го заштити младенчето и да го тргне од патот.

„Излегов не за да го одвојам бебето од мајката, туку од страв дека би можело да биде нападнато од автомобил.“

Таа додаде дека видеото не било објавено за забава и дека во моментот на возбуда направила лоша проценка.

Закани, петиција за депортација и истрага за нејзината виза

Контроверзијата не заврши тука – покрената е онлајн петиција со над 40.000 потписи за депортација на Џонс од Австралија. Австралискиот министер за внатрешни работи, Тони Берк, соопшти дека се разгледува можноста нејзината виза да биде укината.

Сепак, BBC дознава дека Џонс веќе самоволно ја напуштила Австралија.

Остри осуди од организации за заштита на животните

Организациите за заштита на природата жестоко ја критикуваа нејзината постапка. Австралиското здружение за заштита на вомбатите ја нарече постапката на Џонс „ужасно однесување“ и оцени дека таа само сакала да собира лајкови на социјалните мрежи.

„Таа го врати ранливото бебе-вомбат на патот, потенцијално изложувајќи го на опасност од сообраќајна несреќа“, стои во нивното соопштение.

Организацијата за заштита на животните PETA, пак, го нарече видеото „експлоатација на дивите животни“ и ги повика луѓето да престанат да ги третираат животните како реквизити за социјални мрежи.

Џонс, која на социјалните мрежи користи и името Саманта Стребл и има над 95.000 следбеници, во коментарите се обиде да се оправда:

„Бебето го држев едвај една минута и внимателно го оставив до мајка му. Двајцата потоа заедно си заминаа во грмушките, сосема неповредени.“

Но, многу љубители на природата и активисти остануваат скептични, оценувајќи дека нејзината постапка била непромислена и опасна за животните.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни