Меѓународен ден на безбедниот абортус – 28 септември: Правото на безбеден и достапен абортус како основно човеково право

Безбеден абортус е основно човеково право и важен елемент за здравјето и благосостојбата на жените. Меѓународниот ден на безбедниот абортус е потсетување дека достапноста до оваа услуга треба да биде неограничена и еднаква за сите, без оглед на географската локација, социјалната положба или економската состојба

Во последната недела од септември се одбележува Меѓународниот ден на безбедниот абортус. Во рамките на Европската Унија, правото на абортус е регулирано различно, со што постојат значајни разлики во пристапноста и законските ограничувања.

Во Европската Унија, пристапот до абортус варира значајно од една до друга земја, иако повеќето членки обезбедуваат законски и пристапен абортус во раните фази од бременоста. Најлоша ситуација е во Полска, каде законот е многу рестриктивен. Откако во 2020 година Полска воведе едни од најстрогите закони за абортус во Европа, жените се соочуваат со многу ограничени можности за легален абортус (Europarl.europa.eu, 2023). Абортусот е дозволен само во случај на силување, инцест или ако животот на мајката е во опасност. Ова доведе до пораст на небезбедни абортуси и миграција на жени во други земји за абортус.

Ирска долго време беше позната по своите многу рестриктивни закони, но по референдумот одржан во 2018 година, каде мнозинството гласачи се изјаснија за олеснување на пристапот до абортус, законодавството се промени. Сепак, иако абортусот е легализиран, пристапот сè уште е ограничен од законски услови како задолжителни рокови, барање на консултации и периоди на чекање, што понекогаш ги одвраќа жените од услугата (Department of Health, Ireland, 2024).

Малта е најрестриктивната земја во ЕУ кога станува збор за абортус. Таму абортусот е целосно забранет без исклучоци, што ги принудува жените да патуваат во други земји за да добијат здравствена услуга. Ова создава огромни бариери за пристап и ги изложува жените на ризик од небезбедни процедури и непотребни страдања (European Parliament, 2023).

Во други делови од Европа, како што се Холандија, Франција, Германија и Шведска, абортусот е законски регулиран, пристапен и интегриран во здравствениот систем, овозможувајќи на жените безбедна и достапна услуга.

Состојбата во Соединетите Американски Држави

Во САД, состојбата драстично се промени по укинувањето на пресудата Роу против Вејд во 2022 година. Многу држави воведоа рестриктивни или целосни забрани за абортус, што предизвика масовна миграција на жени кои бараат безбедни услови за прекинување на бременоста во други држави. Ова ја зголеми нееднаквоста и ризикот од небезбедни абортуси, особено кај ранливите групи (Guttmacher Institute, 2025).

Последици од небезбедниот абортус

Небезбедниот абортус е една од водечките причини за смртност и сериозни здравствени проблеми кај жените во светот. Според Светската здравствена организација (WHO), секоја година приближно 23.000 жени умираат од компликации поврзани со небезбедни абортуси, а милиони други страдаат од инфекции, хронични болки и проблеми со плодноста (WHO, 2023).

Ограничениот пристап до безбедни и законски абортуси често е последица на социјалните стигми, економските бариери и недостатокот на здравствени услуги. Најранливи се жените од сиромашните слоеви, младите и оние од руралните средини.

Состојбата во Северна Македонија

Во Северна Македонија, медикаментозниот абортус е легален и безбеден метод кој се применува, но е достапен само на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје. Тоа создава нееднаквост и сериозни бариери за жените кои живеат надвор од главниот град. Од вкупно 2.207 абортуси евидентирани на национално ниво, само 36 % биле медикаментозни, што укажува на ограничена достапност на оваа метода. Сепак, податоците за 2024 година од УГАК во Скопје покажуваат дека 93,5 % од абортусите таму биле медикаментозни, што јасно потврдува висока прифатеност кога постои соодветен пристап до услугата.

И покрај тоа што бројките јасно ја потврдуваат довербата и потребата од оваа услуга, средствата за лекови за медикаментозен абортус за жени од ранливи категории во Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца се намалени за дури 80 % (од 1.000.000 денари во 2023 на 200.000 денари во 2024 година).

Со оглед на тоа дека интересот за медикаментозниот абортус постојано расте, неопходно е буџетското финансирање не само да се зголеми, туку и да се овозможи оваа услуга да биде достапна и во другите клиники низ земјата. На тој начин, жените од сите региони ќе имаат еднаков пристап до безбедна здравствена услуга, без да бидат принудени да патуваат во Скопје и да се соочуваат со дополнителни финансиски и логистички тешкотии, сметаат од невладината ХЕРА.

Истовремено, стапката на адолесцентски раѓања во Македонија изнесува 14,6 на 1.000 девојчиња — речиси двојно повеќе од просекот во земјите од Европската унија. Додека пак, стапката на употреба на модерна контрацепција во Македонија е 21 %, што е двојно помала од Балканските земји (52 %) и тројно помала од развиените земји (Франција 76 %, Ирска 66 %, Полска 59 %). Иако националното Упатство за семејно планирање постои, ниту едно модерно средство за орална контрацепција не е на Позитивната листа, што значи дека жените мораат целосно сами да ги покријат трошоците. Ова претставува сериозна пречка, особено за младите и за жените од ранливи категории, и е една од причините за нискиот опфат со современи методи.

Подобриот пристап до модерна контрацепција и безбеден медикаментозен абортус спречува несакани и ризични бремености, го намалува бројот на небезбедни абортуси и им овозможува на жените да го планираат својот живот и иднина.

Безбеден абортус е основно човеково право и важен елемент за здравјето и благосостојбата на жените. Меѓународниот ден на безбедниот абортус е потсетување дека достапноста до оваа услуга треба да биде неограничена и еднаква за сите, без оглед на географската локација, социјалната положба или економската состојба.

Само преку ширење на едукација, поддршка и здравствени услуги можеме да обезбедиме дека правото на жените да одлучуваат за сопственото тело ќе биде почитувано и реализирано.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни