Најголемиот метеорски дожд во изминативе неколку дена го осветли ѕвезденото небо. Блескавиот приказ на небото го достигна својот врв викендов, кога најспектакуларниот метеорски дожд во годината можеше да се види на ноќното небо. Љубителите на ѕвезденото небо, на темни локации можеа да видат и до 100 метеори на час. Овогодинешните Персеиди, според астрономите, беа посебно убави и светли, бидејќи не беа осветлени од Месечината.
Повеќето метеорски дождови, вклучувајќи ги и Персеидите, настануваат од остатоците од опашката на некоја комета. Во овој случај, станува збор за кометата Swift-Tuttle која се враќа околу Земјата на секои 130 години. Оваа комета е едно од најголемите небесни тела кои редовно поминуваат покрај Земјата, а нејзиното цврсто јадро има ширина од дури 24 километри. Кометата, орибтирајќи околу Сонцето, последен пат помина покрај Земјата во 1992-ра, а повторно ќе ја помине дури во 2126-та. Во меѓувреме, нашата планета секоја година минува низ прашината и отпадот што ги остава кометата, а ние го гледаме тоа како светли ленти на светлина на небото познати како метеорскиот дожд или Персеиди.
Метеорски дождови се фасцинантни и секогаш вреди да се погледнат, без оглед на тоа дали сте љубител на астрономијата или само сакате да уживате во убавината на ноќното небо. За фотографите и за астрономските друштва, тие се особен предизвик.
Разговаравме со Ѓорѓи Личовски, фоторгаф на ЕПА(European Pressphoto Agency) чии фотографии од метеорскиот дожд сликани на Козјак, ги пренесоа големите светски медиуми како ББС и се најдоа во печатеното издание на The Big Picture.
Трн: Како се одбира и која е идеалната локација за фотографирање метеорски дожд?
Ѓорѓи: Идеална локација за сликање метеори е апсолутно темно место подалеку од сите населени села, градови…Значи не треба да има никаква светлина за да можеш да видиш чисто небо и секако метеори. Пожелно е да има нешто што би можел да ставиш во прв план, како осамена куќа, дрво или карпа како во Куклица пример. Композицијата е подобра кога има објект во прв план, наместо камерата да го слика само небото.
Трн: Дали се потребни посебни техники и филтри за да се долови убавината на ноќното небо?
Ѓорѓи: Апсолутно се потребни предзнаења за да се сликаат метеори. Јас не кoристам филтри, но потребно е да знаеш да го сетираш и наместиш апататот. Потребно е да имаш информации каде најмногу се појавуваат метеорите и во колку часот. Потребно е Месечината да биде зајдена затоа што ако Месечината е голема и светла, тешко е дека ќе се направи добра фотографија. Значи потребно е да се поклопат повеќе фактори, да се проучи техниката на сликање и движењето на метеорите, па потоа да се надеваш дека ќе „уловиш“ некој метеор.
Трн: Кои се најголеми предизвици кога се слика метеорски дожд?
Ѓорѓи: Најголем предизвик е изборот на локацијата и времето. Треба да има идеално чисто небо без облаци, да нема силна Месечина… Многу пати сме оделе да фотографираме метеори, а не сме успеале да снимиме ниту еден. Едноставно не влегува во кадар. Значи и факторот среќа е доста важен. Има многу авиони на небото за кои што некои велат дека се метеори, но метеорот се познава по обликот и бојата.
Трн: Која локација или уште подобро која фотографија ќе ви остане во сеќавање од „ѕвездените неба„ кои сте ги сликале до сега?
Ѓорѓи: Има неколку локации каде што сме направиле добри фотки, но Козјак мислам дека е една од најдобрите. Апсолутна темница. Имав фотографија каде што се гледаат метеор, планетата Марс и Млечниот пат. Тоа секако беше нешто што не се заборава.
Трн: Се вративте од Европското Фудбалско Првенство со одлични фотографии и неполн месец потоа вашите фотографии од метеорскиот дожд се во National Geographic. Што е потешко, да се “фати” гол или „ѕвезда која паѓа“?
Ѓорѓи: Го сликав Европското првенство во фудбал и мислам дека е потешко да сликаш гол отколку метеор. Во фудбалот си под притисок дека мораш да го сликаш голот, а не е така лесно, додека на метеорски дожд, ако се исполнети сите услови, не е толку тешко да се улови метеорче. За мене е сликањето метеори во друштво на колегите е многу поголемо задоволство и затоа ги сакам тие фотки.