По топлиот и сончев почеток на ноември, времето на Балканот постепено ќе се менува. Според најновите сезонски прогнози и анализи на европските и регионалните метеоролошки центри, пред нас е зима која ќе започне помирно, но со потенцијал за изненадувања, вклучително и првите сериозни студови и снегови кон крајот на месецот.
Од „бабино лето“ кон прв студен бран
Во моментов, термометрите во Македонија покажуваат температури повисоки од просекот за овој дел од годината. Деновите се сончеви и топли, со дневни вредности до 16 °C во Скопје, Битола и Штип. Но, според прогнозите на WiseMeteo и Pogodnik, оваа топла фаза нема да трае уште долго.
Прв посериозен студен бран се очекува во втората половина на ноември, кога северни воздушни маси од Централна Европа ќе навлезат кон Балканот. Тоа ќе донесе значителен пад на температурите, а во високите планини на Македонија како Маврово, Шар Планина и Пелистер можно е да се формира и првата стабилна снежна покривка.
Кога ќе го видиме првиот снег?
Моделите за долгорочна прогноза се согласуваат дека децември 2025 ќе започне релативно топло, но дека јануари и февруари 2026 може да донесат поинтензивни мразови и повеќе снег, особено во внатрешноста и на повисоките предели. Според MKWeather, најсилните студови за Европа а со тоа и за Балканот се очекуваат во февруари 2026 година, што значи дека вистинската зима би можела да дојде подоцна од вообичаено.
Во ниските подрачја, како што се Скопје, Куманово и Струмица, снегот веројатно ќе биде редок и краткотраен, бидејќи температурите ќе се движат околу нулата или малку над неа. Сепак, при навлегување на ладни фронтови, можно е неколку дена со снежни врнежи и мраз најверојатно во јануари.
Балканот под влијание на променливи воздушни маси
Оваа зима, според европските метеоролошки модели, ќе биде под влијание на феноменот Ел Нињо, кој често носи нестабилни и нерамномерни временски услови. Тоа значи дека делови од Балканот можат да доживеат топли периоди со дождови, додека други особено планините ќе имаат повеќе снег од вообичаено.
За регионот на Македонија, се очекуваат повеќе суви денови од просекот, но со повремени изненадувачки продори на студен воздух кои може да донесат и снежни изненадувања дури и во градовите.
Топол почеток, студен крај
Иако зимата 2025–2026 најверојатно ќе започне со потопли температури, прогнозите укажуваат дека кон крајот на декември и почетокот на јануари времето ќе се смени. Се очекува прв вистински студен бран со температури под нулата, а во повисоките места прв сериозен снег.
Граѓаните се советуваат да ја искористат оваа топла ноемвриска пауза за подготовка на зимската опрема, бидејќи студот можеби нема да дојде нагло но кога ќе дојде, ќе се задржи.