Според сезонските прогностички материјали, претстојната пролет во Македонија ќе биде натпросечно топла, со температури на воздухот повисоки за околу 0,5 до 1 степен над просекот. Ова ќе придонесе за побрзо будење на природата и порано цветање на растенијата.
Сепак, и покрај потоплата пролет, можно е повремено да се појават задоцнети зимски бранови, односно краткотрајни периоди со пониски температури. Такви услови може да донесат утрински мразеви, особено кон крајот на март и почетокот на април.
Поради раното будење на природата, оваа појава може да претставува ризик за овошките, бидејќи постои опасност од нивно премрзнување поради раното цветање.
Што се однесува до врнежите, се очекува тие да бидат околу просекот за пролетните месеци, со повремени врнежливи периоди и локално пообилни врнежи. Сепак, според моменталните прогнози, не се очекува зголемен ризик од поплави.
Бидејќи станува збор за сезонска прогноза, можни се промени во текот на периодот, па затоа се препорачува следење на пократкорочните метеоролошки анализи, кои имаат поголема прецизност.