„Мета“ се подготвува да го креира најдолгиот подводен кабелски систем во светот

Подморските кабли стануваат сè поважни во светот, бидејќи овозможуваат работа на различни дигитални услуги и брз пренос на податоци. Следејќи ги потребите, американската компанија „Мета“ ги објави плановите за поставување на својата следна мрежа кабли долга вкупно 50.000 километри. Тоа би бил најголемиот подводен кабелски систем во светот.

Тоа значи дека ова ќе биде подолг кабел од претходниот на „Мета“ – „2-Африка кејбл“ (2Africa Cable), којшто се протега на 45.000 км и, исто така, е подолг од Екваторот (40.075 км), пишува порталот „ИФЛ сајенс“ (IFL Science).

Според наводите, проектот „Вотерворт“ (Waterworth) ќе ги поврзе петте најголеми континенти и ќе им помогне на неговите проекти во областа на вештачката интелигенција. Кабелот, инаку, треба да ги поврзе САД, Јужна Африка, Индија, Бразил и други делови од светот. „Мета“, којашто ги поседува „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Ватсап“, сака да се проширува и вон социјалните медиуми, во други области, како што е и ВИ и потребната инфраструктура.

Повеќе од 95 отсто од интернет-сообраќајот во светот, денеска се одвива преку овие подморски кабли, што е често цитирана статистика.

Во моментов има повеќе од 600 јавно познати подморски кабелски мрежи ширум светот, според компанијата за истражување на телекомуникацискиот пазар „Телеџиографи“ (TeleGeography). Меѓу нив е и „2-Африка кејбл“, поставен токму од „Мета“ во соработка со повеќе мобилни оператори – „Оринџ“, „Водафон“, „Чајна мобајл“ и др., а којшто поврзува три континенти. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни