Иновациите во областа на вештачката интелигенција (AI) се во постојан развој, а компанијата Meta направи значаен исчекор во декодирањето на човечките мисли. Во соработка со Баскискиот центар за спознание, мозок и јазик, Meta ја разви технологијата која користи AI модел способен да реконструира реченици од мозочната активност со точност од дури 80%.
За разлика од постоечките технологии кои бараат инвазивни хируршки импланти, Meta користи неинвазивни методи како магнетоенцефалографија (MEG) и електроенцефалографија (EEG). Овие техники овозможуваат мерење на мозочната активност без потреба од операција, што значи дека корисниците не мора да бидат изложени на ризици од хируршки зафати.
AI моделот е обучен врз база на податоци од 35 волонтери кои кucале реченици додека им била следена мозочната активност. Кога се тестирал на нови реченици, моделот успеал да предвиди до 80% од карактерите користејќи MEG податоци, што е двојно подобро од резултатите постигнати со EEG.
Сепак, технологијата има и ограничувања. MEG снимањето бара посебно магнетно заштитена просторија и неподвижност од страна на корисникот, што ја прави примената тешка надвор од лабораториски услови. Исто така, технологијата досега е тестирана само на здрави лица, па не е јасно колку ќе биде успешна кај лица со оштетувања на мозокот.
Покрај тоа што AI помага во конверзијата на мислите во текст, тој открива и како мозокот ги трансформира апстрактните мисли во јазик — следејќи ги речениците, слоговите и дури и движењата на прстите при пишување.
Овој истражувачки напредок во Meta ја потврдува потенцијалната иднина каде што неинвазивни мозочно-компјутерски интерфејси можат да им помогнат на луѓето кои не можат да комуницираат говорно. Сепак, пред технологијата да биде практична и достапна за поширока употреба, потребно е уште подобрување на прецизноста и адаптација на хардверот.