Технолошката компанија Мета во наредните месеци ќе започне со тестирање на премиум претплати за корисниците на Instagram, Facebook и WhatsApp. Новите модели на претплата ќе овозможат пристап до дополнителни и напредни функционалности, пред сè поврзани со вештачка интелигенција, додека стандардните услуги на платформите ќе продолжат да бидат достапни без надомест.
Според најавите, Мета планира да воведе и посебни претплати за одделни алатки и апликации, меѓу кои и алатка за генерирање видеосодржини наречена „Вајбс“. Од компанијата наведуваат дека оваа апликација им овозможува на корисниците да креираат визуелни содржини со помош на нови алатки базирани на вештачка интелигенција. „Вајбс“ беше претставена минатата година како дел од најновата верзија на платформата Мета АИ.
Во рамки на новата претплатничка стратегија, Мета планира да ги интегрира и технологиите на компанијата Манус, фирма за вештачка интелигенција која првично беше основана во Кина, а подоцна беше преземена од Мета. Манус ќе продолжи да нуди и самостојни претплати, особено за деловни корисници.
Од Мета наведуваат дека оваа соработка ќе придонесе за унапредување на нивните АИ-услуги преку воведување таканаречени „агенти“ – алатки што можат да извршуваат сложени задачи со минимална интеракција од страна на корисникот. Таквите алатки би можеле да се користат за активности како планирање патувања, подготовка презентации или организација на деловни процеси.
Манус се обидува да се позиционира како различен од постојните АИ-платформи со концептот на „вистински автономен агент“. За разлика од класичните чет-ботови, за кои се потребни повеќекратни прашања и насоки, ваквите агенти, според тврдењата на компанијата, можат самостојно да планираат, извршат и завршат задачи врз основа на една почетна инструкција.
Со воведувањето на премиум претплати, Мета дополнително го зајакнува фокусот на монетизација на своите АИ-производи, следејќи го глобалниот тренд на комерцијализација на напредните дигитални алатки, додека истовремено се обидува да го задржи широкиот кориснички опфат преку бесплатните основни услуги.
