Европската комисија разгледува можност за привремено одложување на спроведувањето на одредени делови од својот историски Закон за вештачка интелигенција, под интензивен притисок од големи технолошки компании како „Мета“ и „Алфабет“ (Гугл), како и од американската администрација, објави „Фајненшл тајмс“.
Одлуката следи месеци жалби и предупредувања дека строгите мерки би можеле да предизвикаат трговски тензии. Еден функционер на ЕУ изјави дека Комисијата е „во контакт“ со американската администрација за прилагодување на законот како дел од поширок процес на поедноставување, кој треба да се усвои на 19 ноември.
Законот има за цел да поттикне развој и употреба на безбедни и етички системи за вештачка интелигенција низ единствениот пазар на ЕУ, почитувајќи ги основните права на граѓаните и охрабрувајќи иновации и инвестиции. Системите за ВИ се категоризираат според ризикот: оние со ограничен ризик ќе имаат благи обврски за транспарентност, додека системите со висок ризик ќе треба да ги исполнат строги услови за пристап до пазарот. Некои практики, како когнитивна манипулација, социјална евалуација или профилирање врз основа на раса, религија или сексуална ориентација, ќе бидат целосно забранети.
ЕУ потврдува дека останува целосно посветена на Законот за вештачка интелигенција и неговите цели, додека дискусиите за можните одложувања се во тек.
