Судот во САД ги осуди Meta и Google за зависност кај тинејџерите

По тужба на млада Американка, Meta и Google ќе платат милионска отштета во случај што може да стане преседан за идни спорови против социјалните мрежи.

Поротата во Лос Анџелес утврди одговорност кај Meta и Google во случај што отвора сериозни прашања за влијанието на социјалните мрежи врз менталното здравје на младите. Станува збор за тужба поднесена од млада Американка, која тврдела дека како малолетна развила зависност од Instagram и YouTube, а потоа се соочила со депресија, анксиозност и суицидни мисли.

Судот пресуди дека компаниите сносат одговорност за штетата, при што беа досудени вкупно шест милиони долари отштета. Најголемиот дел од сумата треба да го плати Meta, додека остатокот паѓа на товар на Google.

Овој случај е особено важен затоа што фокусот не е ставен само на содржината што младите ја гледаат, туку и на самиот дизајн на платформите и начинот на кој тие го задржуваат вниманието на корисниците.

Во постапката, тужителката навела дека Instagram и YouTube биле значаен фактор во нејзините психолошки проблеми. Адвокатите на тужителката тврделе дека компаниите свесно развивале функции што ги задржуваат младите корисници на платформите, додека одбраната се обидувала да покаже дека причините за нејзината состојба биле пошироки и поврзани и со приватниот живот.

Пресудата веќе се смета за значаен преседан во САД, во време кога против големите технолошки компании се водат илјадници слични постапки поврзани со зависност, безбедност и психолошки последици кај деца и тинејџери.

Пресудата доаѓа во момент кога критиките кон големите технолошки компании во САД се засилуваат. Според Ројтерс, најмалку 20 американски сојузни држави минатата година донеле закони поврзани со користење социјални мрежи од деца, вклучително и мерки за проверка на возраст и ограничувања во училиштата. Американски сенатори од двете партии по пресудата повторно побараа федерално законодавство што ќе ги обврзе платформите да ги дизајнираат производите со поголема грижа за безбедноста на децата.

Дополнителен удар за Meta дојде и од друг случај. Само еден ден претходно, порота во Њу Мексико ѝ наложи на компанијата да плати 375 милиони долари, поради наводи дека ги доведувала корисниците во заблуда за безбедноста на Facebook, Instagram и WhatsApp и овозможувала сексуална експлоатација на деца на тие платформи.

Одлуката дополнително го засилува притисокот врз Meta, Google и другите платформи, кои во наредниот период ќе се соочат и со нови судски процеси, но и со сè погласни повици за построга регулација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни