Meta стана најновата технолошка компанија што склучи договор со американска енергетска корпорација за да ја задоволи растечката побарувачка за енергија поради напредната вештачка интелигенција (AI).
Компанијата потпиша 20-годишен договор за нуклеарна енергија за да обезбеди чист и стабилен извор на енергија потребен за своите AI операции.
Meta, во заедничка инвестиција со Constellation Energy, ќе го зголеми капацитетот на еден нуклеарен реактор во сојузната држава Илиноис за 30 мегавати, ќе зачува 1.100 локални работни места и ќе донесе годишен даночен приход од 13,5 милиони долари (околу 11,8 милиони евра), според соопштението на двете компании.
Централата моментално произведува доволно струја за околу 800.000 домаќинства во САД.
Зошто нуклеарна енергија?
Договорот ќе стапи на сила во 2027 година, по завршувањето на програмата за кредити за нулта емисија која досега ја поддржуваше нуклеарката во Илиноис.
„Обезбедувањето чиста и сигурна енергија е клучно за понатамошен напредок на нашите AI амбиции“, изјави Урви Парек, раководителка на глобалниот енергетски сектор во Meta.
Технолошките компании и нуклеарниот тренд
Овој договор е само последен во низата соработки меѓу технолошки и енергетски компании, додека потребите за енергија растат паралелно со развојот на AI.
Технолошките гиганти се соочуваат со две главни предизвици: огромен пораст на побарувачка за електрична енергија за напојување на дата-центри и AI модели и цели за драстично намалување на емисиите на стакленички гасови.
Минатата есен, Amazon објави дека инвестира во мали модуларни нуклеарни реактори, само два дена по слична најава од Google.
Во мај, Google дополнително објави инвестиции во три напредни нуклеарни проекти во соработка со Elementl Power.
Amazon, Google и Microsoft исто така продолжуваат со инвестиции во сончеви и ветерни извори, како дел од напорите за декарбонизација.