Американската компанија Meta ја лансира виртуелната асистентка, својот модел на вештачка нтелигенција (AI) – Meta AI, во Европската унија. Meta AI ќе биде понудена постепено на сите апликации на Meta – Facebook, Instagram, Messenger и WhatsApp, повеќе од година дена по лансирањето во Соединетите Американски Држави (САД).
„Ни беше потребно повеќе време од колку што очекувавме за да ја примениме нашата технологија на вештачка интелигенција во Европа, бидејќи се движиме низ сложен европски регулаторен систем, но сме задоволни што конечно успеавме“, соопшти компанијата.
Презентиран во САД во септември 2023 година, а потоа во април 2024 година и проширен на сите апликации на групата, Meta AI е алатка која одговара на прашањата на корисниците генерирајќи текстови и слики, слично на ChatGPT на конкурентот OpenAI.
По многу преговори со регулаторните тела и прашања поврзани со заштита на податоци, Meтa од вчера го нуди на европските потрошувачи интерфејс фокусиран на генерирање текст, без слики, за разлика од верзиите достапни во САД и неевропските земји.