Месут Неби со нова изложба: „Звуците на природата“

Во галеријата „Ко-РА“ во Скопје е отворена самостојната изложба на Месут Неби, насловена „Звуците на природата“, која обединува повеќе тематски циклуси инспирирани од убавините на природата, од културната историја, мртва природа, но и портрети на големите водачи од османлиското царство.

Месут Неби својот разнороден порив за визуелизација, преку ликовниот израз ги бележи своите импресии, како од природата, така и од градбите. Воедно, тој со својата поливалентна посветеност и активна присатност во повеќе професионални сфери, побудува интерес за осознавање на неговиот многуслоен интелектуален хабитус, во кој е реализиран и како новинар, но пред  се професионално како градежен инжењер, математичар, и статичар. Тој и со своите дела го посочува неговиот предизвик за осознавање на рефлексиите на светлината, но и релацијата меѓу композицијата и конструкцијата, поетиката на природата, симболите и метафорите кои потекнуваат од тој катадневен дијалог со природата, рече во своето обраќање стручниот соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура во Домот на култура „Кочо Рацин“, Виолета Калиќ, за време на синоќешното отворање на изложбата.

Изложбата има за цел поддршка во афирмацијата на културата на малите заедници во државата.

Настанот е поддржан од Амбасадата на Република Турција во земјава. Авторот на изложбата, Месут Неби, во обраќањето на отворањето на изложбата го истакна значењето на поривот за дијалог со заедницата и со колективот преку ликовниот говор, преку визуелизација на неговите пораки и преку ликовноста, во време на големите предизвици и ограничувања, кои „човековиот дух се соочува и стреми да ги надмине со вољата и снагата на истрајноста“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни