Место каде што отфрлените предмети стануваат сведоци на нечии животи

На крстосницата меѓу сеќавањето и заборавот, таму каде што отфрлените предмети добиваат нова улога како сведоци на туѓи животи, уметникот Милоје Савиќ со изложбата „Крстосница на сеќавањето“ во Галеријата на КЦ Град ги отвора вратите кон еден сосема поинаков свет.

Инспириран од праксата на размена на предмети оставени по улиците на Брисел — со намера некој друг да ги земе и повторно да ги користи — Савиќ создава колекција од над 3000 предмети. Преку нив, тој креира инсталации кои ја истражуваат можноста за обликување на нови сеќавања.

„Во процесот на обликување на имагинарен идентитет низ две спротивставени сили — сеќавање и заборав — и потпирајќи се на случајната природа на секојдневните траги што ги најдов по улиците, конструирав различни верзии на стварноста. Традиционалната размена на предмети меѓу непознати минувачи отвори простор за размислување за една минато која не ја познаваме, но која сепак на некој начин нè обликува“, изјавува уметникот Милоје Савиќ.

Изложбата, која е отворена до 14 јуни, се состои од неколку серии. Првата — серија фотографии — прикажува имагинарен семеен фото-албум, кој не само што реконструира (фиктивно) семејство, туку и ги дефинира заедничките елементи на идентитетот на поединците во поширокиот урбан контекст. Сето тоа преку јазикот на рециклирани предмети и осветлени спомени, собрани од улица.

Во втората серија фотографии, насловена „Одек на минатото“, уметникот ги обработува древните библиски наративи, истражувајќи ги нивните вонвременски теми и современата релевантност. Публиката е поканета да ги согледа овие приказни во ново светло, кое ги опфаќа и современите предизвици како прекумерниот консумеризам и неговото влијание врз животната средина.

Савиќ е посветен на истражување на современи општествени и политички теми. Неговиот уникатен пристап комбинира документарна и портретна фотографија со техники на колаж и мртва природа, со цел да се занимава со теми како присвојување и реконтекстуализација на сеќавањата и идентитетот.

Меѓу неговите позначајни проекти се: „Чуварите“ — серијал посветен на заштитата на животната средина, „Чајанка“ — проект што го истакнува сèприсутното присуство на пластиката во секојдневниот живот, и „Конкретопија“ — истражување на културните и општествени трансформации во поранешна Југославија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни